Американската амбасада во Србија ги советува своите државјани да избегнуваат делови од Белград каде што денеска ќе се одржуваат протести и јавни собири. Амбасадата издаде и конкретни препораки за зголемување на личната безбедност.
Во случај да се најдете во близина на собири или да се појави насилство, веднаш напуштете го просторот. Ако не можете да заминете, обидете се да најдете сигурно место за засолниште.
Покрај избегнување на ризичните области, амбасадата препорачува граѓаните да ги следат локалните вести, да останат во затворен простор кога е возможно, да обезбедат доволни залихи на храна и вода и да имаат развиен план за евакуација или засолништа ако е потребно.
Американските државјани се охрабруваат да се пријават во програмата „Smart Traveler Enrollment Program“ (STEP), за да добиваат информации со важни известувања. Доколку имаат потреба, можат да се обратат и директно до амбасадата.
Во соопштението се посочува дека на протестите се очекува присуство на десетици илјади луѓе, кои може да се одвиваат на неколку различни локации. Работата на полицијата може да предизвика затворање на мостови и улици, застои во сообраќајот и можни прекини во мобилната телефонија.
Денеска во Србија се одбележува Видовден со повеќе настани во текот на денот, меѓу кои протест на студентите, книжевна вечер пред Народното собрание, доделување признанија и свечена седница на Владата во Крушевац.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата