Емануел Мтетва бил пронајден мртов пред хотел во 17-тиот арондисман, потврди обвинителството. Се верува дека скокнал од прозорец на 22-ри кат.
„Јужноафриканскиот амбасадор во Франција, Емануел Мтетва, беше пронајден мртов во вторник, 30 септември, веднаш до хотелот „Хајат“ во 17-тиот арондисман на главниот град, недалеку од Триумфалната капија“, потврди обвинителството во Париз, додавајќи дека надлежниот обвинител отишол на местото на настанот.
Првичните резултати од истрагата покажуваат дека 58-годишниот маж скокнал од прозорец.
„Тој резервирал соба на 22-ри кат, чиј безбедносен прозорец бил насилно отворен“, соопшти обвинителството.
Исчезнувањето на амбасадорот го пријавила претходниот ден неговата сопруга. Таа рече дека добила вознемирувачка порака од него таа вечер, објави обвинителството. Истрагата ја води Бригадата за сузбивање на злосторства против лица (BRDP).
Член на Африканскиот национален конгрес (ANC), Емануел Мтетва, беше министер за полиција, министер за култура и министер за спорт во владите на Џејкоб Зума и Сирил Рамафоса помеѓу 2009 и 2023 година.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата