Како што претходно објави иранското Министерство за надворешни работи, втората рунда индиректни нуклеарни преговори меѓу Иран и САД се одржаа во амбасадата на Оман во Женева.
Прес ТВ претходно објави дека преговорите се фокусирани на нуклеарното прашање и укинувањето на санкциите на САД, додека форматот на разговорите го следеше претходната рунда, одржана на 6 февруари во Мускат.
Иранската делегација ја предводи шефот на дипломатијата, Абас Арагчи, со заменици за политички, правни и економски прашања, како и технички и правни експерти.
Во пресрет на преговорите, Арагчи нагласи дека Иран нема да подлегне на заканите и дека влегува во преговорите со цел да се постигне фер и избалансиран договор.
Еден ден пред почетокот на разговорите, Арагчи се сретна со генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, за да разговараат за технички прашања и соработката на Техеран со агенцијата.
Тој, исто така, се сретна со својот омански колега, Бадр бин Хамад ал Бусаиди, кој посредува во преговорите.
Разговорите се одржуваат во контекст на зголемени регионални тензии, вклучително и распоредување на американски воени сили во регионот.
Техеран предупреди дека ќе одговори на секој чин на нов воен притисок, како што беа минатогодишните напади врз нуклеарните постројки на Иран.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата