Времињата се „немирни и опасни“. Затоа американскиот претседател Трамп сака масовно да ги зголеми трошоците за одбрана во 2027 година - на 1,5 билиони долари. САД веќе трошат најмногу во светот за своите вооружени сили.
Дали поради тоа, и дали само поради тоа, Трамп го смени името од “Министерство за одбрана“ во “Министерство за војна“ што посочува дека целта на армијата не е веќе со примарна задача - одбрана на сопствената држава и стратегија како што е назив на министерството во другите држави, туку водење војни и надвор од таа рамка.
Кон оваа дилема се приклучува и барањето за неверојатно зголемување на воениот буџет на САД од досега рекордните околу 900 милијарди долари годишно - на 1.500 милијарди! Според специјализираниот сајт за теми на војна и одбрана Global Fire Power САД во 2025-та и пред зголемувањето кое се бара имаат поголем воен буџет од сите другите конкурентски воени сили - заедно:

За да се има подетална претстава колку пари се дава за американската армија и “Министерството за војна“ во однос на другите држави во светот може да се спореди од табелата на буџети за таа намена на другите “Топ 10“ армии во светот во 2025-та година:

А доколку се одобри зголемувањето на американскиот воен буџет за дополнителни 500 милијарди долари тој би бил поголем од сите други 20 најголеми буџети во светот - заедно. Или, шест пати поголем буџет од Кина, десет пати поголем воен буџет на Русија или три пати поголем од воените буџети на големите европски држави заедно.
Кога ќе се дадат толку пари за армија од буџетот американската јавност која тоа го плаќа очекува парите да се оправдаат и стават во функција. Накусо, да се види интерес и профит од тој голем трошок. Ова, сосема логично, наведува на прашање: дали САД се подготвуваат за голема војна во иднина?!
На оваа тема Ројтерс објави своја анализа:

“Претседателот Доналд Трамп во среда изјави дека воениот буџет на САД за 2027 година треба да биде 1,5 трилиони долари, значително повисок од 901 милијарда долари одобрени од Конгресот за 2026 година, зголемувајќи ги резервите за одбрана, но предизвикувајќи скептицизам кај буџетските експерти.
Секое такво зголемување на воениот буџет би барало одобрение од Конгресот, што би можело да претставува предизвик, иако републиканците на Трамп, кои имаат мало мнозинство и во Сенатот и во Претставничкиот дом, покажаа мал апетит за приговор на плановите за трошење на Трамп.
Трамп изјави во објава на Truth Social дека ја донел одлуката за воените трошоци за 2027 година „по долги и тешки преговори со сенатори, конгресмени, секретари и други политички претставници... особено во овие многу проблематични и опасни времиња“.
Само во последните неколку дена, американските сили го заробија Николас Мадуро од Венецуела од неговата земја, соборувајќи го од власт. Белата куќа, исто така, соопшти дека Трамп разговара за опции за стекнување на Гренланд, вклучително и потенцијално користење на американската војска. Трамп, исто така, распореди американски војници за да контролираат голем број градови низ земјата.
Веста следеше по посебна објава на Truth Social од Трамп во која ги критикуваше одбранбените компании за пребавно производство на оружје. Во неа тој вети дека ќе ги спречи изведувачите на одбранбени проекти да исплаќаат дивиденди или да откупуваат акции сè додека не го забрзаат производството.
Трамп рече дека дополнителните трошоци ќе бидат покриени од приходите генерирани од царините што ги наметна на речиси секоја земја и многу индустриски сектори, а САД сè уште ќе можат да го намалат својот долг и да испраќаат чекови за дивиденда до Американците со „умерени приходи“.
Комитетот за одговорен федерален буџет, непартиски тинк-тенк, процени дека предлогот ќе чини 5 трилиони долари до 2035 година, додека ќе додаде 5,8 трилиони долари на американскиот долг со камата. Се вели дека само половина од трошоците би можеле да бидат покриени со царините што се во сила сега, истакнувајќи дека Врховниот суд би можел да пресуди дека голем број царини се нелегални.
Двопартискиот центар за политика проценува дека комбинираните царини собрале 288 милијарди долари во 2025 година, што е далеку под сопствените проценки на Трамп, кои се спомнуваат како план за околу 600 милијарди долари во последните денови.

Бајрон Калан, аналитичар за одбрана во „Капитал Алфа Партнерс“, рече дека објавата на Трамп покренала прашања за тоа каде ќе бидат насочени средствата и дали тие воопшто би можеле да бидат апсорбирани од одбранбениот сектор.
Тој рече дека последниот пат кога Министерството за одбрана на САД забележало зголемување поголемо од 50% било во 1951 година за време на Корејската војна, со дури и огромни зголемувања на воените трошоци за време на поранешниот претседател Роналд Реган во 1981 и 1982 година кои изнесувале 25% и 20%.
Во тргувањето по затворањето на пазарот, акциите на најголемите одбранбени компании пораснаа по вестите, бидејќи инвеститорите се обложуваа дека зголемувањето на трошоците ќе ја зголеми профитот.
Во американската јавност има поделени мислења околу овој план. Некои блиски соработници и јавни поддржувачи на претседателот Трамп како Такер Карлсон се сомневаат во оправданоста на ова неочекувано големо зголемување на буџетот за одбрана и бараат информации за причините кои, другата “про воена“ страна ги објаснува со општи фрази дека Кинезите и Русите брзо напредуваат во модернизација на вооружувањето во однос на САД и таа динамика треба да се надомести, без притоа да се изнесе јасен план дали и во какви околности постои реална опасност за војна со Кина и Русија бидејќи парите кои се бараат се - реални.
Трамп најавува изградба на одбрамбен против ракетен систем вреден над 175 милијарди долари над неколку големи градови и воени центри во САД наречен “Златна купола“ по пример на “Железната купола“ во Израел.
Тој во вторникот изјави дека избрал дизајн за штитот за противракетна одбрана „Златна купола“ вреден 175 милијарди долари и назначил генерал на вселенските сили да ја предводи амбициозната програма насочена кон блокирање на заканите од Кина и Русија. Програмата, првично нарачана од Трамп во јануари, има за цел да создаде мрежа од сателити, можеби стотици, за откривање, следење и потенцијално пресретнување на дојдовни ракети.

Но планот не запира тука. Според воените експерти од САД во наредните пет години воениот (одбрамбен) буџет нема да запре на 1.500 милијарди долари туку до 2030 ќе се покачи на 3.000 милијарди долари за одбрана, а според наведената анализа на Ројтерс до 2035-та буџетот би можел да биде 5.000 милијарди долари. Доволно пари и доволно оружје да се има контрола над целиот свет и поголем воен потенцијал отколку сите други држави во светот - заедно
Многу пари, и концентрација на многу оружје, со векови наназад, на крај завршувале со преголема моќ на генералите во однос на граѓанското-цивилното општество кое се откажува од пари за своите секојдневни потреби во полза на генералите, власта од рацете на граѓанинот полека се прелева во рацете на генералите, и тие тензии на крај завршувале со војни. Големите пари - со големи војни.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата