Голем број земји ширум светот денеска го поздравија привремениот двонеделен прекин на огнот меѓу САД и Иран.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц, меѓу првите од европските лидери, ја нагласи важноста на дипломатијата и регионалната стабилност.
„Конечно, добри вести од политиката! Ја поздравувам одлуката на завојуваните страни за прекин на огнот во војната меѓу Иран и Ирак. Нашата благодарност, и благодарноста на луѓето од целиот регион, им оди на сите што го поддржаа овој договор - особено на Пакистан. Ова мора да биде одлучувачки прв чекор на патот кон траен мир, бидејќи последиците од продолжувањето на војната би биле непресметливи. Германија ќе го поддржи овој пат на дипломатија колку што може“, рече тој на мрежата X.
Мерц нагласи дека овој важен договор треба да биде одлучувачки прв чекор кон траен мир.
Шефицата за европска надворешна политика, Каја Калас, изјави дека договорот за прекин на огнот меѓу САД и Иран е „чекор назад од работ на колапс“ по неколку недели ескалација.
Калас преку „X“ порача дека договорот создава можност за намалување на заканите, запирање на ракетните напади, обновување на бродскиот сообраќај и отворање простор за дипломатска работа кон трајно решение на конфликтот.
Таа особено нагласи дека Ормутскиот теснец мора повторно да се отвори за премин.
Реакции пристигнаа и од Јужна Кореја, Нов Зеланд, Ирак, Австралија, Јапонија и Пакистан.
Министерството за надворешни работи на Јужна Кореја изрази надеж дека преговорите ќе бидат успешно завршени и дека мирот и стабилноста на Блискиот Исток наскоро ќе бидат обновени. Како што пренесува „Гардијан“, официјален Сеул упати и желби за обезбедување слободна и безбедна пловидба на сите бродови низ Ормускиот теснец.
Истовремено, шефот на дипломатијата на Нов Зеланд, Винстон Питерс, ги поздрави охрабрувачките вести, но напомена дека сепак останува значителен дел од работата за да се осигура дека овој прекин на огнот ќе прерасне во траен мир.
Реакциите следуваат откако претходно Иран и САД се договорија за условен двонеделен прекин на огнот, во текот на кој ќе биде дозволен поморскиот сообраќај низ Ормускиот Теснец, објави „Би-би-си“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата