Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски предупреди дека наводните тајни разговори меѓу претставници на Соединетите Американски Држави и Русија за евентуален договор во врска со Украина би можеле да имаат далекусежни последици.
Тој ги оцени тие последици како „Северен тек, но помножен со 100“.
Потсетувајќи дека гасоводот Северен тек ги заобиколува земјите како Полска и Украина, лишувајќи ги од транзитни приходи и зголемувајќи го влијанието на Москва, Сикорски реагираше на пишувањето на „Волстрит журнал“ за неформалните преговори кои, наводно, би можеле да доведат до притисок врз Украина да се откаже од дел од својата територија во замена за голем пристап за американските компании до руските ресурси, објави ТВП Ворлд.
Според весникот, во разговорите учествувале специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, зетот на Трамп, Џаред Кушнер, и рускиот претставник Кирил Дмитриев, кои разговарале за начини за оживување на руската економија преку профитабилни зделки со ретки метали и енергија.
Сикорски изјави за ТВН24 дека Полска нема да учествува ниту да поддржи никаков договор што би ја променил територијата на Украина за економски интереси.
Тој додаде дека останува неизвесно дали Вашингтон навистина размислува за брзо постигнување договор на штета на Киев, но исто така нагласи дека „нешто се случува, бидејќи се вклучени многу сериозни луѓе“.
Сикорски изјави дека планот не мора нужно да го одразува официјалниот став на американската администрација и дека „не сите би биле задоволни од него“, но предупреди дека моментот е исклучително ризичен за Европа.
„Сега имаме многу вознемирувачки сет на настани“, рече шефот на полската дипломатија.
Полскиот премиер Доналд Туск, исто така, ги критикуваше наводните предлози, велејќи дека „не станува збор за мир, туку за бизнис“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата