logo
logo
logo

Предупредување од Лондон: ВРЕМЕТО НА МИРОТ ЗАВРШИ. ЕВРОПА НЕ Е ПОДГОТВЕНА ЗА ОНА ШТО ДОАЃА

Vecer | 25.12.2025

Предупредување од Лондон: ВРЕМЕТО НА МИРОТ ЗАВРШИ. ЕВРОПА НЕ Е ПОДГОТВЕНА ЗА ОНА ШТО ДОАЃА

Кога група одбранбени експерти минатиот месец се собраа во Вајтхол, седиштето на британската влада, за да разговараат за подготвеноста на Обединетото Кралство и неговите сојузници за војна за која веруваат дека би можела да избие во следните неколку години, нивниот заклучок беше мрачен: тие не се подготвени.

Не станува збор за воени хушкатели, туку за упатени луѓе – сегашни и поранешни припадници на вооружените сили, владини и НАТО функционери, како и експерти од одбранбената индустрија. Нивното размислување се темели на разузнавачки проценки дека Русија се подготвува за можен директен судир со Европа, пишува CNN.

Промена на начинот на размислување

Единствениот начин да се спречи такво сценарио, велат тие, е да се обезбеди дека, доколку дојде до војна, Европа ќе победи. Иако клучни се поголеми инвестиции во хронично недофинансираната европска одбрана, безбедносните експерти сè почесто предупредуваат дека е потребна и голема промена во начинот на размислување на сите нивоа. Време е, велат, европските влади да ги вклучат своите граѓани и јасно да им стават до знаење дека периодот во кој Европа можеше да ја игнорира заканата од војна заврши.

„Мислам дека постои навестување дека општествата се подготвени да го водат овој разговор, но исто така гледаме влади кои сè уште не се доволно сигурни за да го водат тој разговор со својата јавност“, изјави Сем Грин, професор по руска политика на Кингс колеџот во Лондон.

Хибридната војна веќе е во тек

Меѓу експертите расте консензус дека Русија веќе води хибридна војна против Западот, спроведувајќи саботажи и внесувајќи хаос и дезинформации во внатрешните политички дебати. Тие укажуваат на бројни докази, вклучувајќи повторени нарушувања на воздушниот простор на НАТО од страна на руски авиони и дронови, попречување на GPS-системите на Балтикот, кампањи на дезинформации и саботажни напади врз критичната инфраструктура во повеќе земји, кои се поврзуваат со руските тајни служби. Русија доследно негира каква било вмешаност.

Грин изјави дека овие напади веќе ги промениле ставовите на многумина во Европа, дури и ако некои политичари се воздржуваат директно да ги наречат хибридна војна. „Мислам дека луѓето се исплашени, особено како што ова станува повидливо“, рече тој. „Гледаме дронови во близина на аеродроми и мислам дека сè повеќе се чувствува дека веројатно е само прашање на време пред еден од тие дронови да собори патнички авион.“

Балтички стравови и можни временски рамки

Иако Москва не изврши директни напади врз членките на НАТО – експертите велат дека тоа делумно е затоа што Русија знае дека со сегашните капацитети не би можела да ја порази алијансата – сè повеќе има знаци дека тоа би можело да се промени.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, предупреди порано оваа година дека Русија би можела да биде подготвена да употреби воена сила против НАТО во рок од пет години. Германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, го повтори тоа предупредување, велејќи дека германските разузнавачки служби веруваат оти Москва „најдоцна до 2029 година барем ја држи отворена опцијата за војна против НАТО“.

Рускиот претседател Владимир Путин изјави на почетокот на декември дека, иако Русија не планира војна со Европа, „ако Европа ненадејно сака да оди во војна со нас и ја започне, ние сме подготвени веднаш“. Консензусот меѓу балтичките земји е дека напад врз нив би можел да се случи веќе за три години, а истражувачите од Harvard Kennedy School утврдија дека во проценките на функционерите најчесто се споменуваат 2027 и 2028 година.

Планови на хартија, ресурси на чекање

Препознавањето на оваа закана го поттикна НАТО да развие детални планови за одбрана од можната руска агресија врз Балтикот. Сепак, експертите предупредуваат дека тие планови не се засновани на реалноста.

„Постои план, со бројки. Но владите не ги преземаат потребните чекори за негова реализација. Сè уште планираме врз основа на нешта што не постојат“, изјави Џек Вотлинг, висок истражувач во институтот RUSI, укажувајќи на ризикот од потпирање на „листа на желби“ наместо на реални ресурси.

Слично предупредување дојде и од Обединетото Кралство, каде што експерти, меѓу кои и поранешниот челник на НАТО Џорџ Робертсон, повикаа на итни чекори. Генералот Ричард Баронс, еден од авторите на стратешката ревизија на британската одбрана, рече дека мора да се зајакнат инфраструктурата, вооружените сили, резервите и цивилната одбрана.

„Искрено, не ни треба многу повеќе анализи за да ни кажат што треба да направиме. Проблемот е што тоа навистина треба да го направиме“, рече тој, додавајќи дека „граѓанското општество и нашите политичари“ имаат други грижи.

Според неговата проценка, на Обединетото Кралство со сегашното темпо би му требале околу 10 години за да се подготви за војна. „А нашите анализи и нашите сојузници ни велат – можеби имате три до пет години… така што ова е прашање на волја, општествена исто колку и политичка, а потоа и на компетентност.“

Крајот на „дивидендата на мирот“

Многу европски главни градови со децении речиси и не размислуваа за одбраната. Без големи воени судири на континентот од 1945 година наваму, Европа уживаше во најдолгиот период на мир во последните векови, што донесе значајна „дивиденда на мирот“.

Владите можеа да трошат пари за социјална заштита наместо за војска, потпирајќи се на Соединетите Американски Држави да притрчаат на помош доколку затреба. Потоа следуваа две сурови будења: американскиот претседател Доналд Трамп, кој јасно порача дека сојузниците повеќе не можат толку да се потпираат на САД, и руската инвазија врз Украина.

Овој пресврт ја поттикна поголем дел од европските членки на НАТО да ги зголемат издвојувањата за одбрана. Според податоците на НАТО, 31 од 32 членки оваа година ќе ја исполнат целта за трошење 2% од БДП за одбрана – огромен пораст во однос на само шест членки во 2021 година.

Членките дури се договорија целта да се зголеми на 5% од БДП до 2035 година, иако многу аналитичари се скептични околу остварувањето на таа цел, имајќи ги предвид финансиските притисоци со кои се соочуваат европските земји.

Тежок разговор со граѓаните

Да им се објасни на гласачите дека можеби ќе биде потребна прераспределба на ресурсите и дека повеќе луѓе ќе мора да се приклучат кон резервниот или редовниот состав не е нешто што повеќето политичари сакаат да го направат. Истражувањата на Евробарометарот покажуваат дека големо мнозинство од Европејците – 78% – се загрижени за безбедноста на ЕУ, но одбраната не е кај сите на врвот на листата на приоритети за трошење.

Колку е чувствителен тој разговор покажа примерот со началникот на француските вооружени сили, генералот Фабиен Мандон. Тој предизвика негодување минатиот месец кога ја предупреди јавноста дека земјата мора да се подготви за можни идни загуби во случај на руска агресија, велејќи дека Франција мора „да го прифати губењето на своите деца“ за да „го заштити она што сме“.

Европа во два чекора: Од Балтикот до Лондон

Робин Потер, соработник од британскиот институт Chatham House, изјави дека подготвеноста на луѓето низ Европа да ја сфатат заканата и да учествуваат во нејзиното спречување значително се разликува. „Ако сте на исток, ако можеби граничите со Русија, ако сте во Полска или на Балтикот, заканата за луѓето таму е многу реална и тие преземаат многу повеќе чекори, особено во однос на јавните засолништа, бидејќи сметаат дека ризикот од воздушен напад е поголем“, рече тој.

Шведска и Финска ги ажурираа упатствата за граѓаните за преживување во војна, додека земји како Литванија, Латвија и Шведска повторно воведоа задолжителен воен рок. Други, меѓу кои Германија и Полска, воведоа програми за доброволна воена обука.

Потер истакнува дека граѓаните со подлабока доверба во институциите поверојатно ќе прифатат жртви за општото добро. Како пример ги наведува нордиските земји, каде што концептот на граѓанска должност и „тотална одбрана“ – во која секој граѓанин и секоја компанија стануваат дел од воениот напор – е длабоко вкоренет.

„Ако луѓето чувствуваат дека државата работи за нив, поверојатно е дека ќе сакаат нешто да возвратат“, рече тој, поставувајќи го прашањето дали таков модел може да се примени во општества со ниска доверба во јавните институции, како што е Обединетото Кралство.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk