Господарите на Европа одлучија дека Украина мора да ја продолжи војната со Русија без разлика на цената, а во замена ќе добие брзо членство во ЕУ на сметка на Унгарија, изјави денеска премиерот на земјата Виктор Орбан.
Говорејќи на митингот во Будимпешта за прослава на Националниот ден на Унгарија, Орбан рече дека ја поддржува Европската унија, но без Украина, пренесува Daily News Hangari.
Орбан предупреди дека „ќе ја елиминира финансиската машина која користеше корумпирани долари за купување политичари, судии, новинари, псевдограѓански организации и политички активисти“.
Тој посочи дека Унгарците ќе имаат можност да го кажат своето мислење за аспирациите на Украина кон Европската унија.
„Нема европска одлука без Унгарија. Пред една година, прашањето беше дали сакаме да гинеме за Украина. Сега прашањето е дали сакаме да бидеме банкротирани со нејзиното пристапување (во Унијата)“, рече Орбан.
Унгарскиот премиер изјави дека (бриселската) „империја“ наместо да и помага, сака да ја колонизира Украина.
„Војната е алатка за колонизација“, додаде тој.
Тој додаде дека Брисел, наводно, сака да го замени автохтоното европско население преку миграција.
„Империјата сака да ги измеша домородните жители на Европа со инвазивните маси од странска цивилизација и потоа да ги замени“, рече Орбан.
Тој додаде дека „империјата“ исто така се обидува да ги „избрка нашите деца и внуци од здравиот начин на живот кон хаосот на неприродниот начин на живот и да ги отфрли редот и културата на христијанскиот живот“.
„Тие сакаат да им служиме на боговите на војната наместо на мирот“, изјави тој.
Орбан рече дека „империјалната машина“ го уништува западниот свет, но дека Унгарија успеала да го запре овој наводен процес на уништување на своите граници.
„Не им дозволивме да ја окупираат земјата, парламентот или владата“, рече тој, додавајќи дека Брисел не успеал да ја „поткопа“ Будимпешта цели 15 години.
Тој, исто така, ги поздрави сите Унгарци кои „не ѝ се поклонија на империјата на Сорос, кои не се поклонија пред Брисел, кои не се поклонија пред левичарската империја во САД“.
Орбан предупреди дека времињата ќе се променат и во Брисел.
„По својата природа, империите се грабливи, а нивните стомаци се без дно“, рече тој.
„Империите копнеат за пари и нови колонии“, додаде унгарскиот премиер.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска најави дека ќе се судри со политичарите и новинарите кои се финансираат од странство.
Говорејќи на митингот во Будимпешта за прослава на унгарскиот национален ден, Орбан рече дека е време да се елиминира „армијата во сенка“ од невладини организации, новинари, судии и политичари кои ги плаќаат САД и Брисел.
Тој се осврна на неговите претходни планови за сузбивање на невладините организации и медиумите кои добија средства од Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) и милијардерот Џорџ Сорос, објави Ројтерс.
Орбан рече дека „по денешната прослава ќе има големо велигденско чистење, бидејќи бубачките ја преживеале зимата“, наведувајќи дека ќе ја елиминира „целата војска во сенка“ која, според неговите зборови, работела против сопствената земја за пари.
Унгарскиот премиер повторно го критикуваше Брисел за продолжување на воената помош за Украина, неколку дена пред самитот на Европската унија следната недела.
„Владетерите на Европа одлучија дека Украина мора да ја продолжи војната по секоја цена, а во замена за тоа брзо ќе добијат членство во ЕУ, користејќи ги нашите пари. Можеме да имаме само еден одговор на тоа - Унијата, но без Украина“, рече Орбан.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата