logo
logo
logo

Австрија под налет на олуја: Силно невреме откорна дрвја, евакуирани стотици туристи, гром запали замок

Vecer | 01.06.2026

Австрија под налет на олуја: Силно невреме откорна дрвја, евакуирани стотици туристи, гром запали замок

Олујно невреме, проследено со силен ветер, пороен дожд и силни грмежи, во неделата зафати големи делови од Австрија и предизвика вистински хаос.

Најтешко е погодена Горна Австрија, каде што пожарникарите имале околу 1.000 интервенции. Ударите на ветерот достигнувале и до 115 км/ч, што довело до уривање на голем број дрвја кои паѓале врз сообраќајниците и автомобилите. Во некои области луѓето биле спасувани од надојдените води, пишува „Кронен цајтунг“ (Kronen Zeitung).

Во местото Доберсберг, гром удрил во кулата на еден замок и предизвикал пожар. Повеќе противпожарни екипи со дигалки и заштитна опрема го гаснеле огнот речиси час и половина, по што опасноста била отстранета.

Во Штаерска, силниот ветер и дождот предизвикале бројни интервенции, а од туристичката атракција „Дер Вилде Берг“ (Der Wilde Berg - Дивја планина) кај Маутерн биле евакуирани дури 387 посетители.

Драматична ситуација се случувала и на салцбуршките езера (Валерзе, Мондзе, Волфгангзе), каде што биле спасувани чамци и бродови, а една едрилица потонала. Како што пренесува „Кроне“, во еден момент неколку љубители на водените спортови дури се сметале за исчезнати. Сепак, трагедијата била избегната и по невремето сите биле пронајдени живи и здрави.

Метеоролозите истакнуваат дека мај оваа година донел исклучително силна грмежлива активност по многу мирната 2025 година, со околу 150 илјади регистрирани громови ширум Австрија.

Посилно невреме со обилни поројни дождови, град и олуен ветер било забележано и во Словенија, но таму нема дојави за поголема материјална штета.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk