logo
logo
logo

Прво 20 евра, потоа влез: Што нè чека на границите?

Vecer | 10.08.2025

Прво 20 евра, потоа влез: Што нè чека на границите?

Според најновите информации објавени од Европската комисија (ЕК), ETIAS ќе биде во сила од последниот квартал на 2026 година, а објавено е дека потребниот формулар ќе чини 20 евра, наместо претходно најавените 7 евра.

Еве сè што треба да знаете за новите правила:

Што е ETIAS и за што даваме 20 евра?

ETIAS претставува збир на протоколи кои се услов за влез во ЕУ за државјани на трети земји кои се ослободени од виза за ЕУ.

Тоа е дел од новата ИТ архитектура на ЕУ чија цел е да ја зајакне безбедноста во рамките на Унијата, а во исто време да го олесни патувањето за граѓаните кои не се членки на ЕУ, а кога беше усвоена регулативата, беше пропишана такса од 7 евра.

Како што наведува ЕК, земајќи го предвид зголемувањето на инфлацијата од 2018 година, како и дополнителните оперативни трошоци поврзани, на пример, со новите технички функционалности на системот, надоместокот ќе се прилагоди и ќе изнесува 20 евра по апликација, а ќе важи три години.

Што е потребно за да аплицирате за дозвола?

При пополнување на апликацијата за дозвола ETIAS, ќе ви треба важечка патна исправа и платежна картичка. Исто така, ќе треба да наведете лични информации.

Вашиот патен документ не смее да истече за помалку од три месеци и не смее да биде постар од 10 години, според официјалната веб-страница на Европската Унија.

Патен документ што не ги исполнува меѓународните стандарди може да биде одбиен за време на процесот на аплицирање.

Пред сè EES

На имплементацијата на ETIAS ќе му претходи период на подготовка со воведувањето на системот EES од октомври 2025 година. Потоа ништо нема да се наплаќа.

Системот за влез/излез (EES) постепено ќе се воведува на надворешните граници на 29 европски земји во период од шест месеци. Овие европски земји ќе ги воведат различните компоненти на EES во фази, вклучувајќи го и собирањето биометриски податоци, како што се фотографии од лице и отпечатоци од прсти.

Доколку одбиете да ги дадете вашите биометриски податоци, ќе ви биде одбиен влез на територијата на европските земји што го користат EES.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk