logo
logo
logo

БЕЛГИЈА КОНТРА БРИСЕЛ за замрзнување на руските средства на неопределено време

Vecer | 11.12.2025

БЕЛГИЈА КОНТРА БРИСЕЛ за замрзнување на руските средства на неопределено време

Земјите членки на ЕУ постигнаа начелен договор за замрзнување на руските средства во блокот на неопределено време, што се оценува како значаен чекор напред кон постигнување договор за одобрување на планот за нивно користење за исплата на т.н. заем за репарации за Украина.

Одлуката треба формално да биде донесена утре на состанокот на Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки на ЕУ (Корепер), врз основа на членот 122 од Договорот за функционирање на ЕУ, кој предвидува дека во услови на „економска итност“ одлуки се носат со квалификувано мнозинство, наместо со консензус.

Досега одлуката за замрзнување на руски средства беше продолжувана на секои шест месеци со консензус меѓу земјите членки, па со денешното решение се отстранува стравувањето дека во иднина некоја од државите на ЕУ би можел да стави вето на понатамошно замрзнување на средствата.

Дополнително, одлуката се оценува и кака клучен чекор да се избегне враќање на овие средства на Русија ако бидат укинат санкциите кон земјата, со што се отстранува една од главните причини поради кои Белгија се противи на планот за користење на замрзнатите руски средства за исплата на заемот за репарации на Украина.

Договорот следи само еден ден откако белгискиот премиер Барт де Вевер ја доведе во прашање легалноста на идејата за „трајно замрзнување“ на руските средства врз основа на Членот 122, изразувајќи сомнеж дека има законска основа за таков потег.

– Овој член е за вонредна состојба во ЕУ. Каде е вонредната состојба? Во Украина има вонредна состојба. Но, Украина не е во Европската Унија, рече Де Вевер.

Според најавите Белгија најверојатно ќе биде воздржана на утрешното гласање во Корепер, додека Унгарија и Словачка веројатно ќе гласаат против, со што сепак би се обезбедило потребното квалификувано мнозинство за усвојување на предлогот.

Бомба од Брисел! Премиерот на Белгија жестоко ја разгоре Европа

Белгискиот премиер Барт де Вевер остро реагираше на плановите на Европската комисија за конфискација на замрзнати руски средства, велејќи дека таков потег би претставувал „невидена и опасна кражба“ со долгорочни последици за финансиската стабилност на Европската Унија.

Во интервју за белгиската VRT NWS, де Вевер предупреди дека ова би бил радикален и крајно неразумен чекор што би можел сериозно да ја разниша довербата на инвеститорите во европскиот финансиски систем.

Премиерот истакна дека постојат „многу поразумни решенија“ отколку, како што рече, обидот да се земат средствата на Централната банка на Русија.

Тој рече дека е подготвен да оди „до крај“ - вклучително и преземање правни мерки - за да го спречи она што го нарече „самоубиствен потег на неодговорни евробирократи“.

Евроклер предупредува: „Можеби е нелегално“

Критиката на Де Вевер беше поддржана од Валери Урбан, директорка на белгискиот депозитар Евроклер, институцијата во која се чува најголемиот дел од замрзнатите руски средства.

Во интервју за италијанскиот „Кориере дела Сера“, Урбан предупреди дека користењето на тие средства за финансирање на Украина може правно да се окарактеризира како нелегално запленување на имот.

- Таквиот потег би ја поткопал довербата во Европа и би довел до зголемување на каматните стапки на задолжувањето на сите земји од ЕУ - нагласи Урбан.

Европа се соочува со тешка одлука

Планот на Европската комисија да користи руски средства преку моделот „кредит за репарација“ веќе предизвика длабоки политички и правни поделби во ЕУ. Белгија сега јасно сигнализираше дека конфискацијата на средства може да се претвори во сериозен институционален конфликт.

Додека Брисел инсистира дека овие средства треба да се користат за финансирање на Украина, Белгија предупредува дека Европа со тоа би го загрозила сопствениот финансиски углед и би испратила порака дека правната сигурност повеќе не постои.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk