Според извештаите, пациентите покажале класични симптоми на ботулизам, како што се нарушувања на видот и повраќање.
Појавата на труење со храна, со центар во Дијаманте, туристичко одморалиште на тиренското крајбрежје во близина на Козенца, одзеде два живота, а повеќе од 12 лица се хоспитализирани во болницата во Козенца, од кои двајца се во сериозна состојба.
Маж на 52 години и жена на 38 години починале од труење со храна во јужна Италија. Уште 10 лица биле пренесени во болници, а некои од нив се борат за живот, пишува „АНСА“.
Третата жртва е 38-годишна жена во Сардинија која била отруена кон крајот на јули. Таа била меѓу првите што почувствувале симптоми откако јаделе гвакамоле за време на Фиеста Латина во Монсерато, во покраината Каљари, што се одржала од 22 до 25 јули. Кодаконс веќе најави правни мерки во име на сите засегнати граѓани.

Како што објави италијанската новинска агенција АНСА, сите пациенти јаделе на киоск за храна во крајбрежниот град Дијаманте во регионот Калабрија. Тие нарачале специјален сендвич со колбаси и стебла од брокула (cime di rapa). Според извештаите, семејството на починатиот повикало брза помош штом забележале дека е болен, но човекот починал пред да пристигне во болницата.
Од десетте пациенти примени од среда вечерта, неколку се на интензивна нега. Меѓу нив се двајца 17-годишници и две жени во четириесеттите години.
Според извештаите, пациентите покажале класични симптоми на ботулизам, како што се нарушувања на видот и повраќање. Двајца пациенти примиле инјекции со имунолошки серум против ботулински токсин, а дополнителни дози биле пренесени со хеликоптер од Рим до јужна Италија.
Ботулизмот е ретко, но опасно по живот труење кое најчесто се јавува поради неправилно чување на храната, односно неправилно чување на месо. Кога бактериите-предизвикувачи се лишени од кислород, тие почнуваат да се размножуваат и создаваат опасни невротоксини - ботулински токсини.
Надлежната здравствена служба зела примероци од храна од спорниот „камион за храна“. Објектот е привремено затворен од безбедносни причини.

АНСА: Тројца осомничени за убиство од небрежност
Тројцата се осомничени, на различни начини, за убиство од небрежност, телесна повреда од небрежност и продажба на штетни прехранбени производи во врска со случајот во Дијаманте, пишува АНСА.
Обвинителството објави дека осомничени се уличниот продавач кој наводно го продал контаминираниот производ и правните претставници на двете компании кои наводно ги доставувале прехранбените производи што се користат за подготовка на продадените производи.
Починатите биле маж по потекло од Неапол и жена од покраината Козенца, која починала вчера.
„Истрагата - пишува Обвинителството предводено од Доменико Фиордалиси - досега утврди дека жртвите и заразените лица консумирале потенцијално контаминирана храна купена од уличен продавач во областа Дијаманте. На барање на заменик-обвинителката Марија Порчели, комбето што се користело за улична продажба е конфискувано.“
Во соопштението на Обвинителството понатаму се наведува дека „првите наоди покажуваат дека возилото било изложено на сонце во текот на целиот ден, што можело да го фаворизира развојот на ботулински токсини во лесно расипливи производи, особено ако не биле правилно складирани.“

Истражителите исто така нагласуваат дека „обвиненијата се сè уште во почетна фаза и ќе бидат предмет на дополнителни технички и научни проверки, со поддршка на надлежните санитарни служби и воената здравствена инспекција (NAS). Судството ќе ги донесе сите понатамошни одлуки по завршувањето на микробиолошките анализи.“
„Исто така“, се вели во соопштението, „во некои случаи, клиничката состојба се влошила поради ненавремена дијагноза, бидејќи симптомите не биле веднаш препознаени како типични за труење со ботулински токсин, што го одложило почетокот на специфичниот третман.“
Обвинителството на Републиката ќе продолжи внимателно да го следи развојот на ситуацијата, свесно за нејзината важност за јавното здравје и безбедноста на храната.
На крајот, Обвинителството апелира:
„Се повикуваат сите потрошувачи кои купиле храна од улични продавачи во областа Дијаманте во деновите пред појавата на симптомите веднаш да ги контактираат здравствените установи.“
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата