Паника владееше на аеродромот Хитроу во Лондон доцна вчера попладне откако 21 лице се разболе на Терминал 4. Поради сомневање за опасен материјал, дел од аеродромот беше евакуиран, но службите за итни случаи не пронајдоа никакви траги од штетни супстанции по темелно пребарување, пишува The Guardian.
Извор од Метрополитенската полиција подоцна посочи дека може да станува збор за масовна хистерија, со што се согласуваат некои експерти.
„Она што се случи на Хитроу речиси сигурно беше епизода на масовна психогена болест базирана на анксиозност“, рече д-р Роберт Бартоломеј, социолог од Универзитетот во Окленд и експерт за оваа тема.
Што е масовна психогена болест?
Иако терминот „масовна хистерија“ може да потсетува на средновековни танцови чуми, ваквите настани не се непознати ниту во современиот свет. Денес се користат термините „масовна психогена болест“ или „масовна социогена болест“, кои се јавуваат во две главни форми: моторна и базирана на анксиозност.
Пример за првата форма се случи во 2011 година во средното училиште Лерој во Њујорк, каде што учениците покажаа тикови како што се грчеви и конвулзии.
Иако се стравуваше од токсини од животната средина, експертите ја дијагностицираа ситуацијата како масовна психогена болест.
„Овие епидемии се јавуваат во атмосфера на анксиозност што може да трае со недели или месеци. Долгорочниот стрес ги нарушува нервите и невроните што испраќаат пораки од мозокот“, објасни Бартоломеј.
Симптомите се вклопуваат во шемата
Случаите базирани на анксиозност обично се предизвикани од ненадејна перцепција на токсичен агенс, како што е непознат мирис.
„Чести симптоми вклучуваат главоболка, брзо дишење, вртоглавица и несвестица“, рече Бартоломеј, додавајќи дека епизодите се случуваат одеднаш и жртвите често се опоравуваат во рок од неколку минути. Токму таков настан, верува тој, се случил на Хитроу.
„Секогаш велам дека прво мора да се испита пред да се дијагностицира масовна психогена болест. Службите веднаш отидоа таму и тестираа, а тестовите беа негативни. Имавме брз почеток и закрепнување на бенигни, минливи симптоми“, забележа тој.
Додаде дека се сомнева дека лицето транспортирано во болница веројатно имало претходно постоечка состојба и дека ова е направено како мерка на претпазливост.
Не е изолиран случај
Ова не е прв пат аеродромот да биде поврзан со таков настан. Вартоломеј истражувал случај на аеродромот во Мелбурн во 2005 година, кога 57 лица се разболеле откако пријавиле „мирис на гас“.
Студија од 2010 година открила дека значителен број пријавени хемиски инциденти всушност може да бидат епизоди на масовна психогена болест.
Професорот Сер Сајмон Весли, од Кингс колеџ во Лондон, рекол дека е „малку рано“ да се извлечат какви било дефинитивни заклучоци за Хитроу, но додал:
„Ако сето ова не доведе до ништо, тогаш да, ова може да биде епизода на она што сега го нарекуваме масовна социогена болест“.
Вартоломеј нагласил дека тоа не е ментално нарушување.
„Најдобро се опишува како колективна реакција на стрес базирана на верување. Сите имаме верувања, затоа сите сме потенцијални жртви. Не е „сè во нивните глави“ во смисла дека тие не доживуваат вистински симптоми“, заклучил тој.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата