Европските земји можеби ќе мора да почнат да соборуваат руски авиони и беспилотни летала што го нарушуваат воздушниот простор на НАТО доколку Москва продолжи да ја тестира решителноста на Алијансата, изјави чешкиот претседател Петр Павел во интервју за лондонскиот „Сандеј тајмс“.
„Верувам дека ќе дојде време, ако овие прекршувања продолжат, кога ќе мора да преземеме построги мерки, вклучително и можноста за соборување на руски авион или беспилотни летала“, рече Павел.
„Русија нема да дозволи повторени прекршувања на нејзиниот воздушен простор. Ние мора да го сториме истото“.
Павел додаде дека влегувањето на руски авиони и беспилотни летала во воздушниот простор на НАТО било „намерно, добро испланирано и насочено кон неколку цели“, вклучувајќи демонстрација на способности, тестирање на западните системи за воздушна одбрана и „тестирање на нашата подготвеност да реагираме во самоодбрана“.
Ова не е прв пат чешкиот претседател да издаде слични предупредувања.
Во интервју за Чешката телевизија на 20 септември, тој рече дека НАТО мора да остане обединето и „одлучно да дејствува“ како одговор на руските провокации, вклучително и воените, доколку продолжат прекршувањата на воздушниот простор, предупредувајќи дека „попуштањето на злото е едноставно невозможно“.
Павел, исто така, истакна дека, по постигнувањето на мировен договор што го гарантира суверенитетот на Украина, на Европа ќе ѝ треба нова паневропска безбедносна рамка во односите со Русија.
Според него, „модерната верзија“ на таков аранжман би била паневропска безбедносна повелба во која Русија би го признала територијалниот суверенитет на сите потписници и би прифатила „обврзувачки ограничувања за своето однесување“, на начин што потсетува на Хелсиншкиот договор од 1975 година.
„Ваквите преговори ќе мора да се водат меѓу две рамноправни страни“, рече Павел.
„Не за Русија да наметнува решенија, туку за да се постигне договор што на некој начин ќе ја воспостави ситуацијата што ја имавме кон крајот на 1970-тите“.
Павел, исто така, оцени дека Европа мора да биде способна да се бори и да победи во војна без значителна помош од Соединетите Американски Држави. Тој предупреди дека ако САД се „зафатени на друго место, на пример во Индо-Пацификот“ и не се во можност да обезбедат клучни капацитети како што се разузнавање, транспорт, комуникации и логистика, „Европа мора да биде способна да го направи сето тоа сама“.
Руските ракети и беспилотни летала постојано го нарушуваа воздушниот простор на НАТО за време на масовните напади врз Украина, а Полска и Романија пријавија инциденти и остатоци што паѓаат на нивна територија од крајот на 2023 година. Романија веќе ја овласти својата војска да соборува беспилотни летала што влегуваат во нејзиниот воздушен простор и повика на посилен одговор на НАТО.
Чешката Република е меѓу најактивните европски сојузници на Украина. Тaa ја предводи иницијативата за набавка на муниција, која обезбеди 1,5 милиони гранати во 2024 година, а целта е да се испорачаат уште до 1,8 милиони до крајот на 2025 година. Прага, исто така, обезбеди обемна воена помош, прифати голем број украински бегалци и го поддржа зајакнувањето на безбедносната соработка за време на посетите на претседателот Володимир Зеленски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата