Алжирската влада одобри рекорден буџет за одбрана од 25 милијарди американски долари за 2026 година, што е најголемиот износ во историјата на земјата, објави „Клеш рипорт“.
Алжирската влада го оправдува ова зголемување на трошоците за одбрана со растечките безбедносни предизвици во регионот Сахел, што ги наведе некои аналитичари да шпекулираат дека се подготвуваат за војна.
Според извештајот, Законот за финансии од 2026 година изнесува вкупно 135 милијарди долари, што е зголемување од 128 милијарди долари во 2025 година и 113 милијарди долари во 2024 година. Трошоците за армијата сега сочинуваат 20,6 проценти од државниот буџет, надминувајќи го дури и Министерството за финансии, кое ќе добие 20,3 проценти од средствата, објави „Дефенс блог“.
Патем, БДП на Алжир оваа година ќе изнесува околу 269 милијарди долари според проценката на ММФ од април оваа година. Но, ако тој износ се прилагоди според паритетот на куповната моќ, тој би изнесувал дури 875 милијарди долари (накратко, еден долар во Алжир може да ви купи многу повеќе отколку во некои побогати земји).
Новото зголемување на финансирањето го продолжува трендот што започна во 2022 година, кога Алжир значително ги зголеми трошоците за одбрана и покрај економските притисоци предизвикани од пандемијата и флуктуирачките приходи од нафта и гас.
Во периодот од 2020 до 2022 година, средствата наменети за одбрана се движеа помеѓу 8 и 11 милијарди долари годишно.
Тој износ се зголемува на повеќе од 18 милијарди долари во 2023 година, 22 милијарди долари во 2024 година и 24 милијарди долари во 2025 година.
Проширувањето на буџетот за 2026 година доаѓа во време на пад на цените на нафтата и гасот, кои моментално се движат помеѓу 65 и 67 долари за барел, и со проектиран буџетски дефицит од 40 милијарди долари.
Зголемените трошоци за одбрана ја поттикнаа дебатата во Алжир за тоа колку долго таквите трошоци можат да се одржат без пошироко фискално прилагодување.
Воените аналитичари истакнуваат дека алжирските вооружени сили станаа најголем корисник на јавни средства, надминувајќи ги цивилните оддели. Според најновите податоци, секој петти динар од државните трошоци ќе биде насочен кон армијата, со што се потврдува централната улога на вооружените сили во националната политика.

Зголемена потрошувачка е забележана и покрај отсуството на нови големи безбедносни закани.
Долготрајните регионални тензии со Мароко и нестабилноста во Сахел - особено во Мали и Нигер - остануваат клучни критериуми за планирање на воените набавки и одбрана на Алжир. Аналитичарите истакнуваат дека општата безбедносна средина не се влошила значително во последните години.
Сепак, некои веруваат дека растечкиот број џихадистички групи кои дејствуваат непречено во Сахел едноставно ќе го принуди Алжир да реагира и со тоа да ја напушти својата долгогодишна стратегија според која се „утврди“ себеси (што помага во опстанокот на режимот) и дејствуваше надворешно првенствено преку дипломатија.
Неодамнешните непотврдени извештаи сугерираат дека Алжир стана првиот странски купувач на најновите руски борбени авиони Су-57 и Су-34, кои наводно биле видени за време на тест летови пред испораката.
Алжир со години набавува воена опрема од Русија, па затоа нивните воздухопловни сили вклучуваат 38 МиГ-29, 33 Су-24 и дури 72 Су-27. Тие исто така користат стотици руски хеликоптери, тенкови, оклопни возила, хаубици...
Да споменеме дека Алжир е најголемата африканска земја по површина (2381741 квадратни километри) со население од малку повеќе од 47 милиони.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата