ВАШИНГТОН – Агенцијата на Соединетите Американски Држави за меѓународен развој (УСАИД) официјално престана со работа, бидејќи американскиот претседател Доналд Трамп постепено ги елиминираше програмите поради наводно расипништво, објави денес Би-би-си.
Повеќе од 80 проценти од сите програми на агенцијата се откажани од март, а во вторникот Стејт департментот формално ги презеде останатите.
Затворањето на УСАИД, која управуваше со меѓународната помош во име на американската влада, беше критикувано од поранешните претседатели Барак Обама и Џорџ В. Буш.
Британскиот јавен сервис објавува анализи од медицинското списание „Лансет“ дека ова драстично намалување на помошта би можело да предизвика дополнителни 14 милиони смртни случаи до 2030 година.
Во средата наутро, веб-страницата на USAID продолжи да емитува порака дека сите вработени во агенциите ширум светот се на административен одмор од 23 февруари.
Агенцијата е основана во 1961 година и вработувала околу 10.000 луѓе, од кои две третини работеле надвор од САД.
Контроверзните намалувања на персоналот започнаа веднаш со вториот претседателски мандат на Трамп, кога милијардерот Илон Маск беше задолжен да го намали бројот на вработени на федерално ниво.
Меѓу откажаните програми се набавката на протетски екстремитети за војниците повредени во Украина, расчистувањето на мини во различни земји и борбата против еболата во Африка.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата