Американскиот претседател Доналд Трамп го предупреди Тајван да не прогласува формална независност од Кина. Изјавата доаѓа само неколку часа по завршувањето на дводневниот самит со кинескиот претседател Си Џинпинг во Пекинг. Во интервју за Fox News, Трамп порача дека „не сака никој да прогласува независност“ и повтори дека американската политика кон Тајван останува непроменета. тој додаде дека не сака конфликт со Кина, туку сака сите страни да се смират, нагласувајќи дека кинескиот претседател не сака војна.
Од друга страна, кинеските државни медиуми пренесоа дека Си за време на разговорите предупредил дека прашањето за Тајван е најважно во односите меѓу Кина и САД, и дека секое погрешно менаџирање со оваа тема може да доведе до директен судир меѓу двете суперсили. Претседателот на Тајван, Лаи Чинг Те, претходно изјави дека островот нема потреба формално да прогласува независност бидејќи веќе се смета за суверена држава.
Трамп исто така истакна дека наскоро ќе донесе одлука дали ќе продолжи претходно најавената продажба на американско оружје за Тајван, вклучувајќи ракетни системи и проектили, тема за која, како што наведе, разговарал со Си „многу детално“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата