Американската елитна 82-ра падобранска дивизија, позната по копнени борбени операции и тешки мисии, чека нови наредби по ненадејното откажување на планираната воена вежба, дознава „Вашингтон пост“ од воени извори.
Во последните денови, американската војска неочекувано откажа голема вежба на штабот на елитната единица, поттикнувајќи шпекулации во Министерството за одбрана дека војници специјализирани за копнени борбени операции ќе бидат распоредени на Блискиот Исток, бидејќи конфликтот со Иран ескалира.
Падобранската дивизија, со седиште во Форт Браг, Северна Каролина, вклучува бригадна борбена група од четири до пет илјади војници, подготвени за распоредување во рок од 18 часа. Нивните мисии можат да бидат различни, од освојување на аеродроми и клучна инфраструктура, преку обезбедување на американски амбасади, до итни евакуации. Персоналот во штабот на дивизијата е одговорен за координирање на планирањето и извршувањето на овие операции.
До петок, не се издадени конкретни наредби за распоредување, рекоа службениците, кои зборуваа под услов да останат анонимни. Се очекува распоредувањето на хеликоптерската единица на 82-рата дивизија на Блискиот Исток наскоро да биде потврдено.
„Се подготвуваме за секоја евентуалност“
Неочекувана промена на планот, кога на персоналот му беше наредено да остане во Северна Каролина наместо да учествува во вежба во Форт Полк, Луизијана, и истакнатата улога на 82-та дивизија во минатите конфликти, ги поттикнаа шпекулациите дека Силата за итен одговор наскоро би можела да биде активирана.
„Сите се подготвуваме за секој случај“, рече еден извор запознаен со ситуацијата.
Прашањата од новинарите беа упатени до Пентагон, кој издаде кратко соопштение: „Поради оперативната безбедност, не разговараме за идни или хипотетички распоредувања“. Службениците на Централната команда на САД, која ги надгледува операциите на Блискиот Исток, одбија да коментираат за ситуацијата.
Претседателот Доналд Трамп даде различни објаснувања за одлуката за конфликтот со Иран и јавно изјави дека американските копнени трупи „веројатно“ нема да бидат потребни, но не ја исклучи таа можност.
Силите за итен одговор беа ангажирани во изминатите неколку години за зајакнување на безбедноста на амбасадата на САД во Багдад непосредно пред атентатот на Касем Солејмани во 2020 година, за евакуацијата на Авганистан во 2021 година и за демонстрација на американската воена моќ во Источна Европа пред руската инвазија на Украина во 2022 година.
Големо мнозинство Американци се противат на испраќањето војници во Иран
Откако започна конфликтот минатата недела, американските сили користат воздушни и поморски напади врз воени цели и арсеналот на иранските ракети, беспилотни летала и воени бродови. Бидејќи одбранбените системи на Иран ослабнаа, американските авиони сè повеќе летаат директно над Иран, погодувајќи цели со прецизна муниција.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, изјави дека испраќањето американски копнени трупи во Иран „не е дел од сегашниот план, но опцијата е сè уште на маса“.
Повеќе од 50.000 американски војници беа вклучени во операциите, а шест војници беа убиени во иранските контранапади. Претседателот нагласи дека „веројатно ќе има повеќе жртви“ пред крајот на кампањата.
Аналитичарите истакнуваат дека една од првите цели на копнената акција би можела да биде островот Харг во Персискиот Залив, клучна точка на нафтената инфраструктура на Иран. Неговото заземање би им дало на САД стратешка предност, но во исто време би ги изложило американските војници на голем ризик.
Според анкетата на CNN, 12% од испитаниците поддржуваат испраќање копнени трупи во Иран, 60% се противат на тоа, додека 28% не се сигурни.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата