Полскиот премиер Доналд Туск предупреди дека наредните месеци би можеле да бидат клучни за безбедноста на регионот, поради растечките загрижености дека Русија би можела да започне провокација насочена кон тестирање на решителноста на НАТО.
Зборувајќи на прес-конференција на 3 јули, Туск ги коментираше неодамнешните медиумски извештаи дека Русија ја разгледува можноста за ограничена воена провокација на територијата на Полска, објавува „Полсат њуз“.
„Не сакам никого да плашам, но наредните месеци би можеле да бидат клучни. Овие загрижености се особено изразени во балтичкиот регион“, рече Туск.
Тој нагласи дека Полска внимателно ја следи ситуацијата заедно со своите сојузници и повика на подготвеност, но без да предизвика непотребна паника.
„Не треба да се плашиме, но мора да бидеме подготвени. Не смееме да ги игнорираме овие ризици. Свесни сме за заканата, меѓу другото благодарение на информациите што ги добиваме од нашите сојузници“, рече полскиот премиер.
Туск додаде дека полската влада „се подготвува многу интензивно за различни сценарија“.
Неговите изјави уследија по текст објавен од „Телеграф“, во кој се повикува на полскиот портал „Онет“ и извори запознаени со ситуацијата, според кој САД ја предупредиле Варшава за можноста за руска провокација со цел да се тестира одговорот на НАТО и потенцијално да се ослабне западната поддршка за Украина.
Според извештајот, се разгледуваат различни сценарија - од ракетни или беспилотни напади врз клучна инфраструктура, вклучувајќи ги и енергетските објекти, до ограничени упади на руските сили на територијата на земјите-членки на НАТО.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата