Додека некои умираат на бојното поле, други ги ризикуваат своите животи во очајнички обид да избегаат од него.
Тоа е приказна за украински мажи кои, соочени со мобилизација, бараат спас во опасен премин преку Карпатите во Романија, убедени дека, како што рече еден од нив, „никој не сака мир“.
Виктор Пинхасов е еден од нив и не ја трга насмевката од лицето. По пет дена осамено пешачење, 34-годишникот штотуку пристигна на безбедно место.
„Сакам да заминам и да бидам слободен, да живеам“, им рече тој на новинарите во неверица. Тој е само еден од десетиците мажи кои нелегално ја преминуваат границата секоја недела, објавува CNN.
По речиси четири години отпор кон руската инвазија, Украина се соочува со огромна криза со луѓе.
Силите на Киев едвај успеваат да ја држат фронтовската линија од повеќе од 965 километри против руските трупи кои водат немилосрдна војна на исцрпување.
Во меѓувреме, Русија може да се потпре на население три пати поголемо од она на Украина за да ги пополни своите редови, и покрај огромните загуби. Поради воената состојба, на сите мажи на воена возраст помеѓу 23 и 60 години им е забрането да ја напуштат земјата, а Канцеларијата на главниот обвинител на Украина отвори речиси 290.000 кривични случаи за дезертерство до септември.
Смртоносен премин
За Пинхасов, поранешен таксист од Киев, животот дома стана неподнослив, дури и кога американскиот претседател Доналд Трамп, рускиот претседател Владимир Путин, украинскиот претседател Володимир Зеленски и европските лидери презентираат спротивставени визии за завршување на војната.
„Никој не сака мир. Ниту Путин, ни Зеленски, ни Трамп“, рече тој отворено со шолја чај во романскиот пограничен град Сигету Марматија. Тој поминал еден месец подготвувајќи се за своето бегство, проучувајќи апликации за навигација и канали на Телеграм, и ја фрли целата своја опрема пред границата за да може да трча и да ги избегне украинските граничари.
Но, не успеваат сите. Најмалку 29 мажи загинале обидувајќи се да ги преминат опасните планини или се удавиле во реката Тиса, која ги дели Романија и Украина.

Дима, 42-годишен градежен работник, ги загубил сите прсти на нозете од смрзнатини по пет дена талкање на температури под нулата.
„Беше шок кога ги видов моите стапала“, рече тој. „Ме боли секој ден. Ме боли секоја минута, секоја секунда.“
Таткото на две деца избегал откако добил повик за мобилизација. Тој им платил на шверцерите, но тврди дека не го предупредиле за смртоносните ризици.
„Кога бевме на врвот на планината, имаше голема снежна бура, снег. Не можевме да се видиме ако се оддалечевме еден метар“, се присети тој. Еден од мажите со кои патувал замрзнал до смрт, а Дима бил убеден дека истата судбина го чека пред да биде спасен од Романската планинска служба.
„Нашата работа е полна со емпатија“
Ден Бенга ги предводи тие спасувачки мисии. Неговиот тим од службата Салвамонт Марамуреш спасил 377 украински мажи од почетокот на војната. Тој вели дека многумина доаѓаат неопремени за стрмни клисури и снег до колена.
„Тие би сакале да умрат во планините обидувајќи се да избегаат отколку во војна“, рече Бенга, одбивајќи да ги осуди.
„Всушност не знаеме што се случува во нивниот ум, во нивната душа... Нашата работа е полна со емпатија за човештвото.“
Самиот Бенга речиси платил со глава. На Бадник 2022 година, тој бил заробен во снежна бура пет дена, носејќи Украинец на грб 14 часа додека не биле пронајдени. Властите го прогласија за исчезнат, а на неговото семејство му беше кажано да се подготви за најлошото.
Еден од спасените мажи го опиша искуството како чудо: „Имав пецкање по целото тело. Чекањето спасувачи беше како чекање чудо.“
Шверцерите водат бизнис преку Интернет
Оние со подлабок џеб бараат спас од шверцери кои отворено ги рекламираат своите услуги на социјалните мрежи.
„Артем“, со повеќе од 4.000 следбеници на TikTok, тврди дека за 14.000 долари може да организира безбеден премин кон Романија.
„Спасуваме луѓе кои само сакаат да живеат, да ја градат својата иднина“, рече тој, споредувајќи ја својата работа со служба за спасување. Тој објасни дека клучот до успехот е поткупување на украинските граничари за да „замижат“.
Репортер на CNN, претставувајќи се како Украинец кој сака да избега, ги контактирал шверцерите.
„Ги транспортираме луѓето директно до границата, а потоа тие само пешачат кратки 300 до 400 метри и веќе се во Романија“, објасни еден.
Друг беше уште подиректен: „Ве возиме директно до бодликавата жица со мотоцикли. Брзо преминете ја жицата. Одете 100 метри длабоко во Романија и кога ќе бидете на безбедно место, испратете плаќање на крипто паричник“.
Украинската државна гранична служба изјави дека има нулта толеранција за корупција.
„Нашата служба за внатрешна безбедност активно работи на разоткривање на сите случаи на нелегални активности“, рече портпаролот Андриј Демченко, додавајќи дека „наводите за нелегални групи кои го кршат законот мора да бидат поткрепени со докази. Во спротивно, тоа може едноставно да биде клевета“.
Сепак, бегањето од фронтовската линија во Украина се смета за срамен чин. Мажите кои се фатени како се обидуваат нелегално да ја преминат границата често се мобилизираат набргу потоа.
Но, за таксистот Пинхасов, ризикот се исплати. Во меѓувреме, тој стигнал во Швајцарија, каде што повторно се сретнал со неговата петмесечна ќерка.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата