Една од најчувствителните точки на светската трговија, Ормускиот теснец, Иран ја претвори во своја најголема стратешка предност во конфликтот со Соединетите Американски Држави и Израел.
Иранската Револуционерна гарда уште на почетокот на судирот, на 2 март, објави дека го затворила Ормускиот теснец. Иако формална блокада никогаш не беше прогласена, еден од најважните нафтени патишта во светот во голема мера се најде во состојба на парализа.

Станува збор за теснец кој се наоѓа меѓу Оман и Иран и го поврзува Персискиот Залив на север со Оманскиот Залив на југ и Арапското Море. Светската економија во голема мера зависи од протокот на нафта низ Ормускиот теснец, низ кој поминуваат околу 20 проценти од вкупната светска потрошувачка на нафта.
Стратешки адут на Техеран
Техеран на почетокот на судирот се закани дека ќе нападне секој брод што ќе се обиде да помине низ преминот, а подоцна почнаа да гаѓаат танкери со дронови и проектили.
Последиците брзо се почувствуваа на глобалниот енергетски пазар. Сообраќајот на танкери низ теснецот речиси запре, а цените на нафтата на светските пазари во само две недели од почетокот на судирот скокнаа за повеќе од 40 проценти.
„Волстрит џурнал“ наведува дека Иран им дозволува на своите партнери, вклучително и Кина, да извезуваат нафта од Персискиот Залив, додека на другите држави тоа им го оневозможува. Токму во таа селективна контрола на сообраќајот се гледа колку Техеран го претворил Ормускиот теснец во ефикасно геополитичко оружје.
САД го потценија Иран
Пред сè, треба да се каже дека Вашингтон ја потценил подготвеноста на Иран навистина да се впушти во дестабилизација на сообраќајот низ Ормускиот теснец.

Очигледно е дека и во Вашингтон делеле проценки на дел од аналитичарите кои сметале дека Иран нема да го затвори теснецот бидејќи со тоа би го загрозил и сопствениот извоз на нафта. Но развојот на настаните покажа поинаку, бидејќи егзистенцијалната закана за режимот во Техеран предизвика многу поостра реакција од очекуваното.
Можност за воена придружба
Како опција се наметнува воена придружба, слична на онаа што американската морнарица ја спроведуваше кон крајот на 1980-тите за време на операцијата Ернест Вил, кога американски воени бродови придружуваа танкери низ Персискиот Залив за време на иранско-ирачката војна.
Но, како што пишува „Волстрит џурнал“, денешната американска морнарица е приближно двојно помала, а Иран располага со оружје што тогаш го немал, како што се дроновите. Дури и ако придружбата започне, веројатно би била ограничена на танкери и би пропуштала само околу 10% од нормалниот дневен сообраќај, според проценките на „Лојдс лист“..
Американскиот претседател Доналд Трамп побара од сојузниците, па дури и од ривали како Кина, да придонесат со воени пловила за придружба. Ниту една земја засега јавно не го потврди учеството, а Јапонија и Австралија го одбија повикот да се приклучат на она што Белата куќа го нарекува „Ормуска коалиција“.
Тесен поморски пат под дострел на ирански ракети
„Гардијан“ наведува дека иако САД имаат една од најголемите и најмоќни морнарици во светот, тоа не значи дека имаат доволно средства за придружба.

Близината на иранскиот брег, од каде што можат да се лансираат ракети и дронови кон бродовите, претставува дополнителен проблем. На одредени делови од рутата, бродовите пловат на само пет до шест километри од иранскиот брег. Поради тоа, времето на пристигнување на проектили или дронови е исклучително кратко, па екипажите имаат помалку од две минути за реакција.
Иран располага со низа моќни морски мини, кои можат да се постават веднаш под површината или да се закотват на морското дно и да се активираат на длабочина до 50 метри. Освен физичката опасност, мините имаат и силен психолошки ефект бидејќи создаваат постојана неизвесност.
Напади на островот Харк
Трамп исто така размислува за заземање на клучниот ирански нафтен терминал на островот Харк, што би барало ангажман на американски копнени сили доколку танкерите останат блокирани во Персискиот Залив, пишува Аксиос..

Таков потег би можел да предизвика ирански одмазднички напади врз нафтени постројки и нафтоводи низ земјите од Заливот, особено во Саудиска Арабија.
Опција за копнена акција
Во овој тесен поморски премин, иранската асиметрична стратегија, која комбинира ројеви брзи напаѓачки чамци, дронови и крајбрежни ракети, има способност ефикасно да ја неутрализира традиционалната американска технолошка надмоќ.
Некои аналитичари предупредуваат дека за вистинска безбедност на конвоите би било неопходно да се контролираат барем клучни делови од брегот од каде делуваат иранските системи. Таквата копнена операција би била многу сложена и барачка.
„Гардијан“ наведува дека кон крајот на минатата недела, 2000 американски маринци од 31. експедициска единица, со седиште во Окинава, се испратени кон Блискиот Исток заедно со амфибиски бродови. Сепак, малку е веројатно дека таква сила би била доволна за неутрализирање на иранските ракетни позиции на брегот.
Огoрец: Клучна е географијата
Воениот аналитичар Маринко Огoрец вели дека клучна е географијата на теснецот.
„Станува збор за канал кој речиси под прав агол навлегува во иранска територија, па е изложен на напади од три страни. Областа е карпеста, а Иран има утврдени крајбрежни позиции со артилерија и ракети.
Иран располага и со голем број дронови кои можат да се лансираат дури и од автомобили. Покрај тоа, во заливот има неколку острови под иранска контрола кои најверојатно се утврдени“, објаснува Огoрец.

Еден од проблемите е и ширината на теснецот.
„Тој е широк околу 40 километри, но само околу 20 километри се навистина пловни. Пловниот коридор оди покрај иранскиот брег, што го прави дополнително ранлив. Во такви услови, тешко е да се деблокира теснецот без копнена операција“, додава тој.
„Копнена инвазија е ризичен потег“
Огoрец предупредува дека евентуална воена интервенција би била исклучително ризична.
„Иран има силна и мотивирана копнена војска. Прашање е дали американските сили и нивните сојузници се подготвени за таков потфат, бидејќи тоа би значело значителни загуби.“
Тој додава дека ни воената придружба на танкери не е долгорочно решение.
„Иран има предност бидејќи неговите сили се на копно, а целите се на вода. Во таква ситуација, и воените бродови стануваат мета речиси исто како и танкерите што треба да ги штитат“, заклучува тој.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата