logo
logo
logo

ШВАЈЦАРИЈА ПО СТАПКИТЕ НА МАКЕДОНИЈА - тешко повредените ќе бидат префрлени во соседните земји на лекување

Vecer | 01.01.2026

ШВАЈЦАРИЈА ПО СТАПКИТЕ НА МАКЕДОНИЈА - тешко повредените ќе бидат префрлени во соседните земји на лекување

22 тешко повредени на возраст меѓу 16 и 26 години

Најмалку 22 лица кои претрпеа сериозни повреди во пожарот се на возраст меѓу 16 и 26 години, се наведува во официјалните извештаи.

Според директорката на Универзитетската болница во Лозана, Клер Шарме, која презентираше за швајцарскиот дневен весник „24 Houres“, повредените биле пренесени во таа болница со хеликоптер.

Тоа е еден од само двата медицински центри во Швајцарија специјализирани за третман на тешки изгореници, заедно со Универзитетската болница во Цирих.

Повеќето од жртвите имаат изгореници на повеќе од 20% од површината на телото, рече Шарме. Таа додаде дека нивното закрепнување ќе трае со недели, ако не и со месеци.

Стотици луѓе на мисата за жртвите од трагедијата

Околу 400 луѓе присуствуваа на црковната миса одржана за жртвите од пожарот во Кран-Монтана. Церемонијата во градската црква ја водеше епископот од Сион, Жан-Мари Лави.

Претходно попладнето, Сионската епархија издаде соопштение во кое се вели дека е „шокирана“ од дознавањето за трагедијата во Кран-Монтана и изрази „своја загриженост, блискост и сочувство за сите жртви, нивните роднини и семејства“.

Таа, исто така, изрази „своја поддршка и благодарност до сите оние кои работеа на различни начини за да им помогнат на жртвите, и локално и во различни болници - како медицински персонал или како полиција, граѓански и судски власти“.

Француските болници ги примаат ранетите

Некои од повредените во пожарот се лекуваат во француските болници, потврди францускиот претседател Емануел Макрон.

„Билансот на состојба е катастрофален. Нашите мисли се со семејствата на жртвите“, рече Макрон.

Тој додаде дека Франција се грижи за повредените во своите болници и дека е подготвена да ја обезбеди целата потребна помош.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц, исто така, испрати сочувство до Швајцарија, кој му пиша на претседателот на Швајцарскиот федерален совет, Ги Пармелин.

„Нашите мисли се со жртвите, нивните семејства и сите погодени од оваа трагедија. Им посакувам на повредените брзо и целосно закрепнување“, рече Мерц.

Некои од тешко повредените ќе бидат префрлени во соседните земји на лекување

Капацитетот за лекување на тешки изгореници во Швајцарија е ограничен и „веројатно“ е дека некои пациенти ќе бидат префрлени во соседните земји на лекување, изјави Матијас Рејнард, претседател на регионалната влада на кантонот Вале.

Претседателот на Швајцарскиот федерален совет, Ги Пармелин, додаде дека во наредните денови посебен акцент ќе се стави на лекувањето на најтешките случаи на изгореници.

„Сакаме да бидеме ефикасни и да се погрижиме животите да бидат спасени“, рече Пармелин.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk