Црквата Вонделкерк во Амстердам, Холандија, стара 154 години, изгоре во пожар за време на новогодишната ноќ, а нема повредени, јавија холандските медиуми.
Властите утринава соопштија дека црквата е целосно изгорена. Пожарникарите и во утринските часови сè уште го гаснеле пожарот, кој избувнал кратко по полноќ за време на прославата на Новата година.
Поради пожарот, се урнале делови од кулата и покривот, поради што била наредена евакуација и било прекинато снабдувањето со електрична енергија за околу 90 блиски куќи, пренесе „NL Тајмс“.
Според извештаите, повеќе нема страв од понатамошен колапс на црквата откако пожарот бил изгаснат, а причината за неговото избувнување сè уште се истражува.
Вонделкерк е изградена во 1872 година и служела како римокатоличка црква до 1977 година. Оттогаш се користи за организирање различни настани и собири.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата