Ким Џонг-ун, навикнат да надгледува лансирања на балистички ракети и политички чистки, оваа недела го смени темпото и посети ново крајбрежно одморалиште со своето семејство - водечкиот проект на туристичка офанзива што еден ден би можела да вклучи странски туристи.
Ким, кој го замени својот препознатлив маоистички капут со темно одело, бела кошула и вратоврска во бојата на песокот на плажата Вонсан Калма, го нарече одморалиштето едно од најголемите достигнувања на годината, објави денес државната новинска агенција КЦНА.

Во придружба на неговата ќерка Ким Џу-ае, за која се верува дека е негов очигледен наследник, и сопругата Ри Сол-џу, Ким во вторникот лежерно седеше покрај базенот со цигари, ладен пијалок и крпа, додека туристите трчаа по водните тобогани во позадина.
„Проектот конечно стана голема реалност“
Ким и неговата ќерка, наводно едно од трите деца што ги има со Сол-ју, беа фотографирани и на плажата долга четири километри, опкружени со службени лица, додека хотелите се видливи во далечината.
Одморалиштето, кое се наоѓа на источниот брег на земјата, има спортски и рекреативни објекти, како и комерцијални и јавни угостителски услуги, наведува KCNA.
Ким изрази верување дека „бранот на среќа што ќе се прошири низ крајбрежната туристичка област Вонсан Калма дополнително ќе го зајакне нејзиниот привлечен имиџ како туристичко и културно одморалиште од светска класа“.
Според агенцијата, властите се надеваат дека одморалиштето ќе привлекува 20.000 посетители годишно по неговото отворање на 1 јули.
Откако ја пресече лентата на церемонијата на отворањето, Ким рече дека по повеќе од една деценија работа и растечки трошоци, проектот конечно станал „славна реалност“ и, како што рече, „ќе игра водечка улога во воспоставувањето туристичка култура“ во Северна Кореја.

На странските туристи сè уште им е забранет влезот
Но, странските туристи кои се надеваат дека ќе доживеат одмор на плажа во севернокорејски стил ќе бидат разочарани - засега, Вонсан Калма ќе биде отворен исклучиво за локалното население, бидејќи земјата постепено ги ублажува ограничувањата за странските посетители воведени за време на пандемијата.
Туризмот е сè уште забранет во пракса, иако на руските туристи им беше дозволено да посетат одредени делови од земјата како дел од групни тури.
Посетата на семејството Ким неизбежно предизвика шпекулации меѓу аналитичарите.
Јужнокорејските медиуми објавија дека Ри Сол-ју се појавила за прв пат во јавноста од Нова 2024 година. Тие забележуваат дека носела чанта од „Гучи“, што би можело да биде прекршување на санкциите на ОН со кои се забранува извоз на луксузни стоки во Северна Кореја.
Ќерката на Ким, која има околу 12 години, редовно се појавува со него од крајот на 2022 година, што дополнително ги поттикнува шпекулациите дека таа е подготвувана за четврти член на династијата Ким и првата жена што ќе ја води Северна Кореја од основањето на земјата во 1948 година.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата