logo
logo
logo

Што е „ТОПЛОТНА КУПОЛА“ што зеде стотина жртви во Канада и КОЛКУ ЌЕ ТРАЕ

Vecer | 01.07.2021

Што е „ТОПЛОТНА КУПОЛА“ што зеде  стотина жртви во Канада и КОЛКУ ЌЕ ТРАЕ

Најекстремниот топлотен бран досега забележан на северозападниот дел на Пацификот продолжува да руши рекорди од ден во ден. Милиони луѓе се наоѓаат моментално во областа за која е на сила предупредувањето за голема топлина, а многу од нив се борат со високи температури без климатизација во регион кој обично ужива во благи лета.

Стотици ненадејни смртни случаи се поврзани со топлотниот бран, соопштија канадските власти.

Според официјалните податоци, во изминатите пет дена биле регистрирани 486 смртни случаи само во провинцијата Британска Колумбија, што е зголемување за 195 проценти во споредба со смртните случаи во овој период од претходните години.

Низ Северна Америка беа измерени невообичаено високи температури за овој период од годината, а шефицата на погребната служба во Британска Колумбија, Лиза Лапуант, вчера изрази верување дека зголемената смртност е поврзана со екстремните временски услови во оваа канадска провинција.

Додека многу научници тврдат дека глобалното затоплување и постојан пораст на температурата се виновни за таквата топлина, метеоролозите велат дека „топлинската купола“, метеоролошка аномалија, е исто така одговорна.

Што е „топлотна купола“?

Топлотната купола во основа е планина со топол воздух заробена на едно место поради воздушните струи во горната атмосфера, односно поврзаниот систем на низок и висок притисок што се задржува во регионот.

Во овој случај, гребенот под висок притисок, што е топлотната купола, заглавена е во северозападниот дел на Тихиот океан. Дејствува како блокада во атмосферата, не дозволувајќи му на времето да се поместува. Специфичниот вид блокада се нарекува блок Омега, бидејќи изгледа како грчката буква Омега, а топлиот воздух се собира внатре.

Зошто температурите се толку екстремни?

Областите со висок притисок, како што се топлотните куполи, имаат воздух што тоне. Ова го компресира воздухот на земјата и под компресија го загрева воздушниот столб. Покрај тоа, ветровите ги спуштаат овие „планини“ до градовите како Сиетл и Портланд; ова движење надолу предизвикува и затоплување.

Овие локални ефекти, во комбинација со климатските промени, што го загреаја северозападниот дел на Пацификот за околу десет степени од прединдустриската ера, додаваат интензитет на веќе силниот топлотен бран.

Кои области се засегнати во моментов?

Топлотниот бран се шири од Британска Колумбија во јужна Канада до Вашингтон, Орегон, Ајдахо, Монтана и Калифорнија. Градот Литон во Британска Колумбија измери 46 степени во неделата, а рекордни температури во Канада се бележат трет ден по ред. Во вторникот во Литон беа измерени 49,6 степени.

Портланд го сруши рекордот и во саботата, со 42 степени, а потоа го сруши во неделата, кога беа измерени 44 степени. Во понеделникот попладне во градот беа забележани 46,6 степени.

Сиетл исто така постави нов рекорд со 40 степени Целзиусови во неделата, кој во понеделник стигна 42 степени.

Државата Вашингтон и Орегон од петокот имаа температури над 40 степени. Луѓето беа принудени да спијат во засолништа за ладење, а некои имаа и прекин на струјата.

Во Салем, Орегон, во неделата беа измерени 44,4 степени. Се верува дека топлотниот бран однесе најмалку шест животи низ северозападниот дел на САД.

Колку време ќе трае?

Жештината ќе се олесни во близина на крајбрежните региони и во Сиетл и Портланд од среда, кога ќе се спушти на околу 30 степени. Сепак, рекордната топлина ќе трае цела недела во внатрешноста на северозападниот дел на Пацификот.

Статистички, ова би се случувало еднаш на 1.000 години во нормална клима. Но, нашата клима веќе не е нормална: таа се вжештува поради климатските промени предизвикани од човекот. Значи, овие некогаш речиси невозможни топлотни бранови ќе станат не само можни, туку и поверојатни во следните години и децении.

Коментирајќи ја кризата во Канада, премиерот на Британска Колумбија, Џон Хорган, рече дека ова треба да послужи како „голема лекција дека климатската криза не е фикција“.

- Ова не е проблем на Британска Колумбија, ова не е проблем на Канада, ова е глобален предизвик - рече тој.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk