Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека започнале подготовките за средбата меѓу рускиот и украинскиот претседател Владимир Путин и Володимир Зеленски. Во соопштение на социјалната мрежа Truth Social, Трамп ја нарече средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски и другите европски партнери „многу добра“.
Францускиот претседател Емануел Макрон, италијанската премиерка Џорџија Мелони, германскиот канцелар Фридрих Мерц, финскиот претседател Александар Стаб, британскиот премиер Кир Стармер, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и генералниот секретар на НАТО Марк Руте беа во Белата куќа.
Во Будимпешта ќе се сретнат Трамп, Путин и Зеленски
Белата куќа ја разгледува можноста за одржување трилатерален состанок меѓу американскиот претседател Доналд Трамп, рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски во унгарската престолнина Будимпешта, наведува функционер од администрацијата на Трамп и лице блиско до администрацијата, ексклузивно објави Политико.
Тајната служба на САД веќе го подготвува теренот за потенцијален самит во централноевропската земја управувана од премиерот Виктор Орбан, долгогодишен сојузник на Трамп уште од неговиот прв мандат.
Портпаролката на Белата куќа не го коментираше ова соопштение, ниту пак сакаше да даде детали за потенцијалниот состанок на денешниот брифинг.

Путин ја сакаше Москва, Макрон ја сакаше Женева
Иако Тајната служба често разгледува повеќе можни локации и конечна одлука за локацијата на состанокот сè уште не е донесена, Будимпешта сè повеќе се појавува како прв избор на Белата куќа, наведуваат два извори запознаени со приватните разговори.
Путин наводно му рекол на Трамп дека ја претпочита Москва, додека францускиот претседател Емануел Макрон се залагал за Женева како идеална локација.
За да не биде изоставен, швајцарскиот министер за надворешни работи му понудил на Путин „имунитет“ од постојната потерница за воени злосторства доколку Швајцарија - позната по својата неутралност - биде избрана за домаќин на разговорите.
Непријатен избор за Украина поради историскиот контекст
Сепак, Унгарија би бил незгоден избор за Украина поради историскиот контекст на Меморандумот од Будимпешта од 1994 година.
Со тој договор, САД, Обединетото Кралство и Русија го гарантираа украинскиот суверенитет и територијален интегритет во замена за откажување на Киев од својот нуклеарен арсенал. Сепак, рускиот напад врз Украина во 2014 година го доведе во прашање тој договор бидејќи ниту еден од потписниците не интервенираше воено за да спречи агресија.
Блумберг: Трамп врши притисок врз Орбан да го повлече ветото за влез на Украина во ЕУ
Блумберг објави дека американскиот претседател Доналд Трамп, по средбите со Зеленски и европските лидери во Белата куќа, разговарал телефонски со унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Според изворите на Блумберг, Трамп извршил притисок врз Орбан да го повлече ветото за отворање преговори за пристапување на Украина во Европската Унија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата