Финскиот претседател Александар Стуб ја претстави својата визија за драстично поголема Европска Унија, порачувајќи дека 27-члениот блок мора да „размислува на големо“ и да го искористи сегашниот момент за да ја проектира својата моќ на глобалната сцена, пренесува „CNBC“.
Говорејќи на енергетска конференција во Хелсинки, Стуб истакна дека ЕУ треба да цели кон зголемување на своето членство на 40 држави, притоа именувајќи ги Велика Британија, Канада, Турција, Норвешка и Исланд како потенцијални кандидати.
Според него, потезите на американската администрација на Доналд Трамп и руската војна во Украина ги принудуваат земјите повторно да размислат за придобивките од ЕУ. Сепак, тој предупреди дека „прозорецот на можности“ за проширување е прилично краток.
„Кога ќе заврши војната во Украина и кога можеби ќе се промени американската администрација, луѓето ќе ја тргнат ногата од гасот и повторно ќе почнат да се расправаат за непотребни работи. Геополитичката моќ на Европа се заснова на големината, а најдобрата европска политика некогаш била токму проширувањето“, изјави Стуб.
Европската комисија во моментов го води најголемиот бран на проширување во изминатата генерација, со девет земји-кандидати. Црна Гора и Албанија се сметаат за предводници во Западниот Балкан, додека Украина и Молдавија се приближуваат кон отворање на формалните преговори.
Финскиот претседател смета дека ЕУ мора да погледне кон својот западен брег и да ја врати Велика Британија (која излезе во 2020 година) колку што е можно поблиску. Тој отиде дотаму што ја предложи и Канада како опција.
„Зарем не би било прекрасно Канада да биде 28-та држава на ЕУ, наместо 51-та држава на САД?“, праша Стуб, алудирајќи на неодамнешните коментари на Доналд Трамп на социјалните мрежи кои сугерираа анексија на Канада. Канадската министерка за надворешни работи, Анита Ананд, претходно изјави дека Отава веќе бара диверзификација на своите трговски односи како „средна сила“.
„Никој веќе не зборува за Турција, а Западен Балкан е најжешката точка“
Стуб потенцираше дека покрај Украина, Молдавија и Грузија, Унијата мора сериозно да размисли и за Анкара. „Никој повеќе не зборува за Турција, но мора да ги отвориме умовите и да разбереме дека, барем од безбедносна перспектива, Турција мора да биде што е можно поблиску“, нагласи тој.
Тој посебно се осврна на нашиот регион: „Ако погледнете на југ или југоисток, кон Западен Балкан – па тоа е најжешката точка во Европа. Тоа е супер важно. Што правиме со Србија, Косово, Албанија, Црна Гора, Северна Македонија? Што правиме со Босна и Херцеговина?“, запраша финскиот претседател, додавајќи дека на север треба да се земат предвид и Исланд и Норвешка.
Парламентот на Исланд неодамна изгласа одржување референдум за тоа дали да започне преговори за пристапување во ЕУ, откако претходната апликација од 2009 година беше суспендирана четири години подоцна. Иако јавноста е поделена, а поранешната премиерка Катрин Јакобсдотир изјави дека не гледа силни аргументи за членство бидејќи земјата веќе има блиска економска соработка со блокот, Стуб смета дека моментот за големи одлуки е сега. Норвешка, пак, која двапати го одби членството на референдум, исто така се наоѓа во фаза на преиспитување на односите со Брисел поради глобалниот триаголник на моќ меѓу САД, Кина и Европа.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата