logo
logo
logo

„Не може ДА МУ СЕ МОЛИШ НА БОГА, А ДА ШИРИШ СМРТ“ - Вербална војна помеѓу Папата и Трамп

Vecer | 13.04.2026

„Не може ДА МУ СЕ МОЛИШ НА БОГА, А ДА ШИРИШ СМРТ“ - Вербална војна помеѓу Папата и Трамп

Судирот меѓу папата Лав XIV и Доналд Трамп прераснува во отворена вербална војна. Во центарот на целата приказна останува силната и недвосмислена порака на папата до Трамп: не може да се повикува на Бога, а истовремено да се шири насилство и смрт.

Папата Лав XIV, кој редовно го осудува насилството ширум светот, повторно го подигна гласот во моментот на американско-израелскиот напад врз Иран кој го запали целиот Близок Исток. За време на големата молитва во базиликата Свети Петар, тој упати јасен апел: „Запрете ја војната!“, додавајќи: „Застанете! Време е за мир!“. Во својата проповед папата предупреди на моралниот слом на современиот свет: „Очигледно сè уште нема доволно гробови бидејќи луѓето продолжуваат да распнуваат и да уништуваат животи без правда или милосрдие“, критикувајќи ги тековните војни и насилството. Тој зборуваше и за „фантазиите за семоќ кои стануваат сè понепредвидливи и поагресивни околу нас“, јасно алудирајќи на политичките елити кои моќта ја ставаат пред животот. Особено остар беше кон злоупотребата на религијата: „Дури и светото име на Бога, Богот на животот, се користи за закани со смрт“. Оние кои се молат не убиваат и не се закануваат со смрт, јасен е папата. Со остри зборови го осуди стремежот кон моќ поврзан со насилство: „Запрете со самообожувањето и идолизацијата на парите! Запрете со покажувањето моќ! Запрете ја војната!“. Папата порача дека вистинската сила се покажува „во служба на животот“, а не преку доминација и насилство. До светските лидери упати директен повик: „Седнете на масата за дијалог и посредување, а не на масите каде што се планира вооружување и се одлучува за смртоносни мерки!“.

Сите овие пораки на папата Лав предизвикаа бурна реакција кај Доналд Трамп. Американскиот претседател, очигледно чувствувајќи се повикан, возврати со остар напад врз папата преку социјалните мрежи. Го нарече „страшен“ во поглед на надворешната политика и изјави дека Лав XIV би требало да му биде „благодарен“ бидејќи станал Папа само затоа што е Американец. Трамп отиде и чекор понатаму: „Да не бев јас во Белата куќа, Лав немаше да биде во Ватикан“, тврдеше тој, додавајќи дека не сака папа кој ја критикува американската политика или ги доведува во прашање воените одлуки на САД. Исто така порача дека Папата би требало да се „фокусира на тоа да биде голем Папа, а не политичар“, и додаде: „Неговиот брат Луис ми се допаѓа многу повеќе од него“. Да потсетиме, братот на папата, Луис, го поддржува движењето на Трамп, МАГА („Да ја направиме Америка повторно голема“).

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk