Американскиот потпретседател Џ.Д. Венс изјави дека Гренланд е клучен за одбраната на САД и светот од потенцијални руски или кинески напади, остро критикувајќи ја Европа и Данска дека „не работат добро“ во обезбедувањето на стратешката област.
Неговите коментари доаѓаат во време кога Белата куќа потврди дека „активно“ ја разгледува опцијата за купување на Гренланд, полуавтономна данска територија, пишува Би-Би-Си.
Венс: Не работите добро
Во интервју за Фокс њуз, Венс беше прашан колку далеку се подготвени САД да одат во врска со Гренланд.
„Па, конечната одлука ќе ја донесе претседателот, но има многу негодувања од Европа, а Европа не се справи со фундаменталниот аргумент што го изнесуваат претседателот и целата администрација. Гренланд е клучен - не само за нашата национална безбедност, туку и за безбедноста на целиот свет. Луѓето не го сфаќаат тоа“, рече Венс, додавајќи:
„Целата инфраструктура за противракетна одбрана делумно зависи од Гренланд. Ако, не дај Боже, Русите или Кинезите - не велам дека ќе зависат - но ако во иднина некој испали нуклеарна ракета кон нашиот континент или Европа, Гренланд е клучен дел од тој одбранбен систем.“
Американскиот потпретседател потоа ја критикуваше Европа.
„Значи, се поставува прашањето: дали Европејците, дали Данците, направија добра работа во обезбедувањето на Гренланд и обезбедувањето дека тој може да продолжи да служи како столб на светската безбедност и антиракетната одбрана? Одговорот е, очигледно, не. Тие инвестираа премалку во безбедноста. Тие не ја обезбедија добро областа.
Претседателот на Соединетите Американски Држави јасно става до знаење: не правите добра работа кога станува збор за Гренланд. „Ќе се погрижиме да ги заштитиме интересите на Америка и мислам дека претседателот е подготвен да оди колку што е потребно“, рече Венс.
Стратешката важност на Гренланд лежи во неговата локација помеѓу Северна Америка и Арктикот, што го прави идеален за системи за рано предупредување. САД имаат воена база таму со децении, со повеќе од 100 трајно стационирани војници. Во последниве години, расте и интересот за огромните природни ресурси на островот, вклучувајќи ретки метали, ураниум и железо, кои стануваат подостапни поради топењето на мразот.
Европа застана зад Данска
И Гренланд и Данска, која е членка на НАТО, постојано јасно ставаат до знаење дека Островот не е на продажба. Трамп даде слична понуда во 2019 година за време на неговиот прв мандат, но таа беше категорично одбиена. Данска предупреди дека секој обид за присилно преземање би значел крај на НАТО алијансата.
Европските лидери застанаа во одбрана на Данска
„Гренланд им припаѓа на своите луѓе и само Данска и Гренланд можат да одлучуваат за прашања што се однесуваат на нивните односи“, се вели во заедничката изјава на лидерите на Франција, Обединетото Кралство, Германија, Италија, Полска, Шпанија и Данска.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата