Американскиот телевизиски канал CNN го објави портретот што рускиот претседател Владимир Путин му го подари на американскиот претседател Доналд Трамп во март. На него е прикажан американскиот претседател по обидот за атентат. Автор на подарокот беше Народниот уметник на Руската Федерација Никас Сафронов.
Сликата го покажува Трамп со крената тупаница и дамки од крв на лицето, потсетување на моментот кога беше извршен обид за атентат за време на предизборен митинг во Пенсилванија на 13 јули 2024 година. Зад претседателот се вее американско знаме, а во заднина се гледаат Статуата на слободата и Менхетен во Њујорк.
„Ми беше важно да ја доловам крвта, лузната и неговата храброст во моментот на обидот за атентат. Тој не се скрши и не се плашеше, туку ја крена раката и покажа дека е едно со Америка и дека ќе ѝ го врати она што го заслужува“, коментира уметникот за својата работа во интервју за еден ТВ канал.
👀🇺🇸 CNN showed a portrait of Trump that Putin gave the US president in March
— MAKS 24 🇺🇦👀 (@Maks_NAFO_FELLA) April 22, 2025
Witkoff says Trump was very touched by the gift. pic.twitter.com/FPVdsm0vxT
Според Сафронов, откако ја добил нарачката за портретот, веднаш сфатил дека ова дело може да помогне за приближување на двете земји и затоа не земал пари за тоа. Уметникот истакна дека подоцна бил контактиран од самиот руски претседател, нарекувајќи го портретот на Трамп важен чекор кон подобрување на односите меѓу Русија и САД.
Во март, специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стивен Виткоф, рече дека рускиот претседател Владимир Путин му дал на американскиот претседател Доналд Трамп „убав портрет“ на американскиот претседател од „водечки руски уметник“ кој му бил доставен на примачот. Прес секретарот на претседателот Дмитриј Песков изјави дека подарокот е личен и дека Кремљ не сака да дава дополнителни информации.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата