logo
logo
logo

НОВА ЕПИДЕМИЈА НА ЕБОЛА ВО КОНГО: СЗО прогласи вонредна состојба, но нема место за паника

Vecer | 20.05.2026

НОВА ЕПИДЕМИЈА НА ЕБОЛА ВО КОНГО: СЗО прогласи вонредна состојба, но нема место за паника

Додека вниманието на светската јавност беше насочено кон хантавирусот, во Конго повторно е прогласена епидемија на ебола, која Светската здравствена организација ја прогласи за „вонредна состојба од меѓународно значење за јавното здравје“, иако не постои реална опасност таа да прерасне во глобална епидемија.

Еболата е сериозна заразна болест која предизвикува висока температура, оштетување на крвните садови, а во потешки случаи и крварење, отказ на органите и смрт. Првпат е идентификувана во 1976 година во Централна Африка и повеќето епидемии оттогаш се случија токму таму. Се добива од неколку видови вируси кои се опфатени под едно име – еболавируси. Најпознат и најсмртоносен е сојот Заир, кој ги предизвика најголемите епидемии.

Моментално низ Конго се шири Бундибуџо (Bundibugyo), нешто поразличен сој кој првпат беше идентификуван во Уганда во 2007 година. Тој има стапка на смртност од околу 30-50%, што е многу сериозно, но сепак нешто пониско во споредба со некои епидемии на сојот Заир. Се пренесува преку директен контакт со телесни течности на заразено лице, како што се крв и содржини исфрлени од организмот на различни начини, вклучувајќи и повраќање. Значи, најчесто при нега на заболениот без заштитна опрема.

Епидемијата се прошири и во Уганда

Уганда граничи со Демократска Република Конго, каде што епидемиите на ебола редовно се појавуваат. Луѓето, животните и стоката често ја преминуваат границата, што овозможува ширење на болеста пред таа да биде откриена.

Светската здравствена организација овој пат поради еболата прогласи „вонредна состојба од меѓународно значење за јавното здравје“, што е највисокото ниво на глобално здравствено предупредување кое таа го издава. Тоа значи дека епидемијата претставува потенцијален меѓународен ризик и дека земјите мора да соработуваат за да се спречи ширењето на вирусот.

Вонредната состојба, значи, е прогласена со цел да се активираат механизмите за поефикасна борба против оваа болест, односно побрзо да се идентификуваат случаите, да се изолираат заразените, да се следат нивните контакти, но и да се едуцира јавноста за оваа опасност.

Ова не значи дека треба да се паничи и да се очекува „корона сценарио“. Тоа не е веројатно затоа што Бундибуџо не се шири по респираторен пат како короната. Различни вируси на ебола и претходно пристигнувале во Европа преку патници од Африка, но на Стариот континент никогаш не избувнала нејзина епидемија. Причината за тоа, меѓу другото, е подобрата здравствена нега во Европа и побрзата реакција на здравствените системи. Така би требало да биде и во Африка, но светот ретко гледа во нејзин правец, освен кога на нејзината територија ќе се појави некоја нова опасност по јавното здравје.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk