Германската сообраќајна инфраструктура во последните години е под невиден притисок поради континуираниот раст на сообраќајот, а најголема главоболка задаваат тешките камиони кои дополнително ги уништуваат старите мостови и автопатишта. За конечно да се застане на патот на прекршувањето на прописите во товарниот транспорт, на германските автопатишта наскоро започнува засилен надзор на претоварените возила. Оваа брутално прецизна контрола ќе се спроведува на вкупно 16 клучни локации ширум земјата.
Проектот е заедничка иницијатива на компанијата „Autobahn GmbH“ и Сојузниот уред за логистика и мобилност (BALM), кои потпишаа договор со цел подобра заштита на учесниците во сообраќајот, но и на самите патишта. Првата пилот-контролна станица веќе е поставена на одмориштето Рур-Шоле-Гуз, веднаш до автопатот А4 во правец кон Келн, а нејзиното официјално пуштање во сообраќај е планирано за оваа пролет, пренесува магазинот „Феникс“. Локацијата меѓу Ахен и Келн не е избрана случајно. Токму по оваа рута доаѓа огромниот товарен сообраќај од големите европски пристаништа Антверпен и Ротердам, а во близина се наоѓа и Келн-Ајфелтор, најголемиот германски контејнерски терминал.
Како функционира овој „паметен“ систем?
Технологијата која ќе ги лови прекршителите е навистина импресивна и комбинира динамичко и статичко мерење на тежината. Пред воопшто камионот да стигне до самата контролна точка, специјални сензори вградени директно во асфалтот на автопатот го мерат оптоварувањето на оските додека возилото е во полна брзина. Доколку овој паметен систем препознае дека камионот е претежок и дека ја надминал дозволената маса, веднаш се активираат електронски сигнални табли на патот. Овие табли му наредуваат на возачот веднаш да се исклучи од автопатот и да се упати директно кон контролната станица. Таму камионот поминува преку специјална лента опремена со ултра-прецизна вага каде се врши финалното, детално мерење.
Казните се немилосрдни
Доколку вагата го потврди претоварот, за возачот тука завршува патувањето. Камионот веднаш се исклучува од сообраќај и му се изрекува строга забрана за продолжување на возењето. Возачот не смее да мрдне од местото сè додека вишокот товар не се префрли во друго возило или целосно не се растовари, а против сите одговорни лица веднаш се покренува прекршочна постапка.
Дека германските власти немаат намера да си играат играчки покажува и еден неодамнешен шокантен случај. Полицијата тогаш запрела холандски камион кој летал по автопатот со дури 137 километри на час, а кога го измериле, сфатиле дека возилото е претоварено за неверојатни 34 тони над дозволеното. Со новите станици, ваквите „камиони-бомби“ на патиштата ќе станат минато.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата