Унгарскиот премиер Виктор Орбан денес изјави дека земјата е во состојба да издржи притисок од Брисел, благодарение на својата „стабилна и цврста“ влада.
Орбан нагласи за унгарскиот јавен сервис дека владата со двотретинско мнозинство, која беше избрана во 2022 година, „е клучна за зачувување на независноста на Унгарија во односите со Европската Унија“, објави МТИ.
„Европските бирократи вршат голем притисок врз земјите-членки да овозможат почеток на преговори за пристапување на Украина, со поддршка од повеќе од 30.000 бирократи. Унгарија, сепак, цврсто стои на ставот бидејќи народот создаде стабилна влада“, рече Орбан.
Тој нагласи дека иако многу европски влади имаат коалиции што го отежнуваат постигнувањето обединета позиција, Унгарија ужива политичка стабилност што ѝ овозможува да се спротивстави на надворешните притисоци.
Унгарскиот премиер истакна дека оваа стабилност е најважната предност на Унгарија во меѓународната конкуренција и рече дека земјата продолжува да се спротивставува на сите обиди за доведување во прашање на нејзиниот суверенитет.
Исто така, Орбан ја поздрави победата на Карол Навроцки на претседателските избори во Полска, нарекувајќи ја „фантастичен резултат за Унгарија“, што, според него, е продолжение на „маршот на патриотите“.
Тој додаде дека „Вашингтон експрес штотуку пристигна во Варшава“, алудирајќи на зголеменото влијание на САД во регионот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата