Јапонија се соочува со сериозен проблем околу наследувањето на царскиот престол. Иако земјата неодамна ја доби својата прва премиерка, владата истовремено предлага измени што дополнително ја намалуваат можноста една жена еден ден да стане царица, пишува Си-ен-ен.
Имено, јапонското царско семејство во моментов има само тројца мажи кои според законот можат да го наследат Хризантемскиот престол (престолот на јапонскиот цар го носи името по цветот хризантема, кој се наоѓа и на јапонскиот државен грб), а двајца од нив се постари од 60 години. Поради тоа сè почесто се предупредува дека најстарата монархија во светот се соочува со криза во наследувањето.
Според важечките правила, престолот можат да го наследат исклучиво мажи од царската лоза. Иако Јапонија низ историјата имала осум царици, на жените тоа официјално им е забрането со Законот за царското семејство од 1889 година.
Професорот Макото Окава од Универзитетот Чуо смета дека за таквата забрана нема никакво оправдување.
„Тешко е да се најде каква било рационална основа за одбивање на можноста жена да стане цар.“
Тој додава дека јапонскиот Устав не забранува жена да седне на престолот и дека исклучувањето на жените не е ниту неспорна јапонска традиција.
„Идејата жените однапред да бидат исклучени како личности кои не можат да бидат владетели едноставно треба да се нарече мизогинија“, изјави Окава.
Истражувањата на јавното мислење покажуваат дека мнозинството Јапонци немаат ништо против земјата да добие царица. Жителката на Токио, Кана Сакакура, истакнува дека многу европски држави, како Обединетото Кралство, веќе долго време имаат кралици.
„Кога ќе ја споредите Јапонија со другите земји, се чини дека овде сè уште постои атмосфера во која се избегнува жените да преземаат водечки улоги во општеството“, рече таа.
И покрај тоа, владата на премиерката Санае Такаичи се спротивставува на промена на правилата. За време на расправата во парламентот претходно оваа година, Такаичи порача дека и натаму е „соодветно правото на наследување да биде ограничено на машките потомци од царската лоза“.
Наместо отворање на престолот за жените, владата предлага во царското семејство повторно да бидат вклучени припадници на поранешните споредни гранки на династијата. Со тоа би се зголемил бројот на можни машки наследници. Предлогот сè уште чека одобрување од парламентот.
Симбол на националното единство
Царското семејство денес има претежно церемонијална улога, но во Јапонија претставува важен симбол на националното единство. По Втората светска војна, американскиот генерал Даглас Макартур го опиша царот како „симбол што ги обединува сите Јапонци“, предупредувајќи дека неговото укинување би можело да доведе до распад на земјата.
Проблемот со наследувањето дополнително се појавил по 1947 година, кога поради повоените реформи значително бил намален бројот на членови на царското семејство. Тогаш од династијата биле исклучени 11 споредни гранки, а бројот на членови се намалил од 67 на само 16. Освен тоа, принцезите кои се мажат за граѓани без благородничко потекло мораат да го напуштат царското семејство.
Според новиот законски предлог, таквите принцези по стапувањето во брак би можеле да останат членови на царското семејство и да помагаат во извршувањето на службените должности, но нивните деца и понатаму не би можеле да го наследат престолот.
Сегашниот цар Нарухито има 24-годишна ќерка, принцезата Аико, која е многу популарна меѓу Јапонците, но поради својот пол нема право да го наследи престолот. Дури ни нејзиниот евентуален син еден ден не би можел да стане цар.
Во моментов законски прифатливи наследници се 90-годишниот чичко на царот, Хитачи, неговиот 60-годишен помлад брат Акишино и 19-годишниот син на Акишино, Хисахито – првиот машки член на царското семејство кој станал полнолетен по цели 40 години.
Професорот Окава смета дека предложените измени само привремено го одложуваат проблемот.
„Сè додека жените остануваат исклучени од наследувањето, ќе биде тешко долгорочно да се обезбеди стабилност на царската лоза“, предупреди тој.
Од друга страна, поддржувачите на сегашниот систем тврдат дека промената би ја нарушила вековната традиција. Цунејасу Такеда, потомок на една од поранешните споредни гранки на царското семејство, смета дека правилата не треба да се менуваат поради расположението на јавноста.
„Дури и ако одлуката биде донесена со тесно мнозинство, дел од населението можеби повеќе нема да го признава царот, а тогаш монархот нема да ужива почит. Тоа сериозно би ги разнишало темелите на Јапонија“, изјави тој.
Со тоа не се согласува јапонскиот граѓанин Акио Кубота, кој потсетува дека Јапонија и во минатото имала царици.
„Денес живееме во време на родова еднаквост. Затоа ми е малку необично што единствено функцијата цар и понатаму може да се пренесува исклучиво преку машката линија“, рече тој.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата