Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, даде интервју за „Тајмс“ во кое остро го критикуваше украинскиот претседател Володимир Зеленски и го обвини за авторитаризам.
Двајца од најпознатите политичари во Украина сега, наместо да стојат рамо до рамо, се во отворена политичка војна. Нивниот долгогодишен латентен конфликт ескалираше јавно - и се чини дека Кличко веројатно нема да избега од овој политички пресврт. Користејќи ги овластувањата за воена состојба, Зеленски назначи паралелна воена администрација во главниот град, директно оспорувајќи го авторитетот на градоначалникот.
Во меѓувреме, кампањата против корупцијата наречена „Чист град“ резултираше со серија апсења - седуммина соработници на Кличко се приведени, а уште тројца се под истрага. Сето ова доаѓа во време кога има шпекулации дека Кличко повторно се стреми кон претседателската функција, иако веќе еднаш се откажа во 2014 година.
Кличко, 53, жестоко возврати. Тој ја обвини администрацијата на Зеленски дека ја попречува работата на градската администрација со „упади, испрашувања и закани за монтирани случаи“, поради што градските советници повеќе не можат законски да донесуваат одлуки. „Ова е чистка на демократијата под маската на војна“, изјави тој за британскиот „Тајмс“. „Веќе реков дека во Украина мириса на авторитаризам. Сега - смрди.“
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата