Светот со нетрпение го очекува исходот од утрешниот ден, за кога е најавен нов круг преговори меѓу САД и Иран во Пакистан. Како што јавува „Ројтерс“, постои можност американскиот претседател Доналд Трамп да биде виртуелно присутен или лично да допатува во Исламабад на свечено потпишување на мировен договор, доколку двете страни конечно најдат заеднички јазик.
Британската агенција се повикува на неименуван пакистански извор кој тврди дека постои „нов замав“ во преговорите и дека работите се движат во позитивна насока. Самиот Трамп веќе ја подгреа атмосферата со изјавата дека „можеби ќе отиде во Пакистан ако договорот биде потпишан“, оставајќи простор и за негово онлајн вклучување во процесот.
Сепак, ситуацијата на терен е крајно неизвесна. Прекинот на огнот истекува во среда, на 22 април, што остава многу малку време за пресврт кој би го оправдал доаѓањето на претседателот на САД. Дополнително, иранската државна телевизија ги демантираше извештаите дека нивна делегација веќе отпатувала за Исламабад.
Агенцијата „ИРИБ“ пренесува дека официјален Техеран останува на ставот од неделата: Иран не прифаќа преговори под закани и нивното учество ќе зависи исклучиво од промената на „однесувањето и ставовите“ на Соединетите Американски Држави.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата