Европа прави „прилично прецизни планови“ за испраќање мултинационални сили во Украина како дел од повоените безбедносни гаранции што ќе имаат американска поддршка, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за весникот „Фајненшл тајмс“ во интервју објавено во неделата.
„Претседателот Трамп нè увери дека ќе има американско присуство во таа безбедносна рамка“, изјави фон дер Лајен за „Фајненшл тајмс“, додавајќи дека „тоа беше многу јасно и беше потврдено повеќе пати“.
Тој потфат потенцијално би вклучувал десетици илјади војници предводени од Европа, поддржани од Американците преку системи за контрола и команда и разузнавачки и надзорни ресурси, се вели во извештајот, додавајќи дека аранжманот бил договорен меѓу американскиот претседател Доналд Трамп, украинскиот претседател Володимир Зеленски и високи европски лидери минатиот месец.
Европските лидери, вклучувајќи го германскиот канцелар Фридрих Мерц, британскиот премиер Кир Стармер, генералниот секретар на НАТО Марк Руте и претседателката на Европската комисија, треба да се сретнат во Париз во четврток, по покана на францускиот претседател Емануел Макрон, за да продолжат со разговорите на високо ниво за Украина, објави „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на тројца дипломати запознаени со плановите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата