Индиската влада вечерва потврди дека нејзините сили извршиле воени напади на вкупно девет локации во Пакистан и Кашмир, кој е под пакистанска администрација.
Во официјалното соопштение се наведува дека станува збор за операција наречена „Синдор“ (Порта на гревот), во која биле погодени „терористички објекти од кои биле планирани и спроведени напади врз Индија“.
„Нашите акции беа насочени, измерени и не ескалираа по природа. Ниту еден воен објект на Пакистан не беше цел на напад. Индија покажа значителна воздржаност во изборот на цели и начинот на спроведување на операцијата“, соопшти индиската влада.
Таа наводно го наредила нападот по смртоносниот напад минатиот месец од страна на милитанти врз туристи во индискиот дел на Кашмир. Индија го обвинува Пакистан за поддршка на прекуграничниот тероризам - обвинение што Исламабад категорично го отфрла.
Пакистан се заканува со одмазда
Од друга страна, пакистанската војска потврди дека индиските сили извршиле ракетни напади врз три локации, што првпат беше објавено на државната телевизија вечерва.
Агенцијата Ројтерс извести за жестоко гранатирање и експлозии во пограничните области на пакистанскиот дел од Кашмир.
Портпарол на пакистанската војска изјави дека Исламабад „ќе одговори на овој напад во време и на место што самиот ќе го избере“, додавајќи дека сите пакистански борбени авиони моментално се во воздух.
„Ова е срамен и кукавички напад, извршен од индискиот воздушен простор“, рече портпаролот.
Фото: Stringer/ Поглед на градот на Музафарабад во Кашмир управуван од Пакистан, 7 мај 2025 година
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата