Американскиот државен секретар Марко Рубио денес изјави дека САД се спротивставуваат на планот на францускиот претседател Емануел Макрон да ја признае Палестина како држава.
„Соединетите Американски Држави остро се спротивставуваат на планот на францускиот претседател Емануел Макрон да ја признае државата Палестина на Генералното собрание на Обединетите нации“, рече Рубио во објава на социјалната мрежа X.
Според него, „таа неодговорна одлука само служи на пропагандата на Хамас и ги уназадува напорите за постигнување мир“.
„Ова е шлаканица за жртвите од нападите на 7 октомври 2023 година“, додаде Рубио.
Францускиот претседател Макрон вчера објави дека Франција ќе ја признае државата Палестина во септември на седницата на Генералното собрание на ОН.
„Верен на мојата историска посветеност на праведен и траен мир на Блискиот Исток, одлучив Франција да ја признае државата Палестина. Свечено ќе го објавам ова на Генералното собрание на Обединетите нации во септември. Денес е итна потребата да се стави крај на војната во Газа и да се обезбеди помош за цивилното население“, рече Макрон.
Оваа одлука ја осуди и премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху.
„Остро ја осудуваме одлуката на претседателот Макрон да признае палестинска држава веднаш до Тел Авив, по масакрот од 7 октомври. Таквата одлука го наградува теророт и ризикува создавање уште еден ирански посредник, исто како што беше случајот со Газа“, рече Нетанјаху.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата