Лондонската полиција соопшти дека 21-годишен маж е уапсен под сомнение дека е вмешан во серија палежи, вклучувајќи го и оној во домот на британскиот премиер Кир Стармер.
Осомничениот е уапсен рано утрово под сомнение дека подметнал пожар со намера да го загрози животот, јавува „Скај њуз“.
Истрагата ја води Одделот за борба против тероризмот на Метрополитенската полиција, поради поврзаноста на нападот со позната јавна личност.
Пожарникарите и полицијата реагираа на два пожари во рок од 24 часа во северен Лондон, првиот во недела во Ислингтон и вториот веднаш по 1:35 часот наутро во понеделник во Кентиш Таун.
И двата имота имаат врски со премиерот.
Истрагата е проширена и за пожар во автомобил што се случи во четврток на истата улица како и куќата во Кентиш Таун, за да се утврди дали постои поврзаност.
На местото на пожарот се забележани траги од изгорена земја, а дел од улицата е ограден додека полицијата и пожарникарите ги истражуваат околностите на пожарот.
Соседите рекле дека слушнале силен тресок, додека полицијата барала можен проектил.
Куќата во Кентиш Таун, која беше оштетена во пожарот, сè уште е во сопственост на премиерот, иако тој повеќе не живее таму, бидејќи се пресели на Даунинг стрит по победата на лабуристите на минатогодишните избори.
Пожар во куќата на премиерот во северен Лондон, вредна два милиони фунти, беше пријавен вчера наутро, објави „Тајмс“.
Противпожарната бригада соопшти дека пожарот е брзо ставен под контрола, а интервенирале и две противпожарни возила.
Според „Тајмс“, семејството Стармер ја издаваат под кирија својата куќа со четири спални соби, за која се верува дека вреди околу 2 милиони фунти.
Куќата е купена во 2004 година за 650.000 фунти, а Стармерови последователно извршиле серија реновирања на имотот, објави весникот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата