Малдивите станаа првата земја во светот што воведе целосна забрана за купување, продажба и употреба на тутун за сите граѓани родени по 1 јануари 2007 година, објави Министерството за здравство на оваа островска земја.
Новата одлука значи дека лицата под 18 години, како и сите идни генерации, никогаш нема да смеат да пушат или користат тутунски производи. Забраната ги опфаќа сите видови тутун, вклучувајќи електронски цигари и уреди за вејпинг, а продавачите се должни да ја проверат возраста на клиентите.
– Оваа мерка има за цел да го заштити јавното здравје и да создаде генерација без тутун – се наведува во соопштението на Министерството.
Забраната важи и за туристите, од кои има милиони годишно на Малдивите, бидејќи архипелагот со повеќе од илјада острови се смета за луксузна светска дестинација.
Казните се строги – продавачите кои продаваат тутун на малолетници можат да бидат казнети со 3.200 долари, додека електронските цигари подлежат на казна од 320 долари.
Слична „генерациска забрана“ се разгледува и во Велика Британија, додека Нов Зеланд, кој беше првиот што воведе таков закон, ја укина забраната во 2023 година, помалку од една година откако беше донесен.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата