Кремљ објави дека рускиот претседател Владимир Путин наредил привремено примирје во војната против Украина по повод велигденските празници. Прекинот на борбените дејствија е предвидено да започне во сабота во 15:00 часот по средноевропско време и да трае во текот на целиот нареден ден. Наредбата за прекин на дејствијата во сите правци е доставена до министерот за одбрана Андреј Белоусов и началникот на Генералштабот, Валериј Герасимов.
Од украинска страна, претседателот Володимир Зеленски сигнализираше подготвеност за прифаќање на мерката, нагласувајќи дека Киев веќе предложил ваков чекор. Иако двете страни најавуваат воздржување од напади, воената историја на овој конфликт, кој трае повеќе од четири години, е полна со прекршени примирја за кои завојуваните страни меѓусебно се обвинуваат, користејќи го времето за прегрупирање.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата