Без постигнување на значајни договори за горливите прашања како војната меѓу Русија и Украина или конфликтот во Блискиот Исток, лидерите од седумте најразвиени земји на светот го завршија самитот, кој беше фокусиран на тоа како овој круг на богати држави ќе продолжи да има влијание врз глобалната политика. Самитот заврши по заминувањето на американскиот претседател Доналд Трамп.
Како дел од клучните настани, домаќинот, канадскиот премиер Марк Карни, и неговите соговорници од Велика Британија, Франција, Германија, Италија и Јапонија, во завршницата беа придружени и од украинскиот претседател Володимир Зеленски, како и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. Зеленски уште еднаш апелираше за поддршка од партнерите за надминување на кризата.
Потребна ни е помошта од нашите сојузници и поради тоа сум овде. Подготвени сме за мировни преговори и прифаќаме безусловно примирје. Верувам дека ова е клучно, но ни треба поголем притисок за да го оствариме тоа.
Во отсуство на Трамп, државите членки на Г7 изразија подготвеност да соработуваат против непазарните практики кои би можеле да го загрозат глобалното снабдување со клучни минерали, и најавија мерки за ограничување на употребата на вештачка интелигенција. Сепак, за прашањето околу Украина не беше донесена единствена заедничка изјава.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата