Израел им забрани на своите граѓани да ја напуштат земјата, наведувајќи ги безбедносните проблеми што се појавија по ескалацијата на конфликтот со Иран.
Според весникот „Хаарец“, владата им наредила на домашните авиокомпании да не им дозволуваат на израелските граѓани да се качуваат на појдовни летови, бидејќи расте стравот од потенцијални ирански одмазднички напади врз израелските аеродроми, додека главниот меѓународен аеродром „Бен Гурион“ останува затворен.
Израелската министерка за транспорт Мири Регев ја објави мерката велејќи дека државата нема да одобри заминување на Израелци во странство во оваа фаза, објавува порталот „Мидл Ист Монитор“.
Таа објасни дека во моментов само на лица кои не се израелски државјани, како што се дипломати и туристи, им е дозволено да ја напуштат земјата.
Таа, исто така, потврди дека израелската влада подготвува операција за репатријација на повеќе од 100.000 израелски граѓани кои моментално се во странство и додаде дека процесот ќе се спроведува „фазен и планиран начин“.
Патните ограничувања следеа по невидениот напад на Израел врз иранскиот аеродром Машхад, и иако Иран сè уште не возвратил на воздухопловната инфраструктура на Израел, соопшти дека израелскиот напад предизвикал стравувања дека аеродромите сега би можеле да се сметаат за легитимни цели.
Од друга страна, „Тајмс оф Израел“ објави дека 2.800 луѓе се вратиле во земјата.
Исто така, се наведува дека помеѓу 100.000 и 150.000 Израелци остануваат во странство поради воздушните напади меѓу Израел и Иран.
„Нашата цел е да вратиме што е можно повеќе луѓе“, изјави извршната директорка на Израелската управа за аеродроми, Шерон Кедми, за Военото радио, додавајќи дека нови безбедносни проценки се прават на секој час.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата