Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нема да има друг избор освен да го прифати секој договор што Соединетите Американски Држави (САД) ќе го постигнат со Иран.
Американскиот претседател Доналд Трамп / Фото: Принтскрин
Во интервју за „Фајненшл тајмс“, објавено вчера, Трамп посочи дека конечните одлуки ги носи Вашингтон.
„Тие нема да имаат друг избор“,
изјави Трамп, пренесува Ројтерс.
Изјавата доаѓа во период на зголемени тензии на Блискиот Исток. Израел вчера изврши напад врз предградие на Бејрут, откако САД минатата недела го претставија мировниот план за Либан. Подоцна, Иран лансираше ракети кон израелски цели, што дополнително ги усложни напорите за постигнување поширок мировен договор во регионот.
Иранските власти претходно соопштија дека евентуален мировен договор со САД ќе зависи од почитувањето на прекинот на огнот во Либан. Израел во март започна воени операции во земјата, насочени кон борците на Хезболах, кои отворија оган кон израелска територија во знак на поддршка за Иран.
Во меѓувреме, Иранската револуционерна гарда информира дека ракетните напади врз Израел претставуваат предупредување и најави поширок одговор против американски и израелски цели во регионот доколку, како што наведоа, продолжат агресиите.
Во изјава за „Фокс њуз“, американскиот претседател Доналд Трамп оцени дека иранскиот напад нема да придонесе за напредок на преговорите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата