Обединетото Кралство и Франција испратија силни апели за смирување на состојбата на Блискиот Исток, потенцирајќи ја потребата од враќање на дипломатските канали. На специјалната седница на Советот за безбедност на ОН, британската амбасадорка Барбара Вудвард истакна дека постигнување деескалација мора да биде највисок приоритет.
Во исто време, во Париз, францускиот претседател Емануел Макрон свика итен состанок на Советот за национална безбедност. Макрон нагласи дека само преку дијалог и дипломатски напори може да се спречи Иран да се здобие со нуклеарно оружје и да се избегне „неконтролирано разгорување на конфликтот“.
Макрон ја истакна важноста на умереноста, нагласувајќи дека ниту една воена реакција нема да донесе трајни решенија. Тој во последните денови интензивираше комуникација со иранскиот претседател, како и со други регионални и европски лидери, барајќи излез преку преговори.
Во наредниот период, Макрон планира да се сретне и со американскиот претседател Доналд Трамп на НАТО самитот во Холандија, каде прашањето околу Иран ќе биде клучна точка на дневниот ред.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата