Германија мора да ја редефинира својата геополитичка улога за да се прилагоди на ситуација каде што не е јасно на кои сојузи може да се потпреме и кои ќе преживеат во иднина, изјави денес германскиот министер за одбрана Борис Писториус.
Во својот говор пред германскиот парламент, тој рече дека најновите преговори за завршување на војната во Украина покажаа промени во глобалната „структура на моќ“, пренесува Ројтерс.
„Геополитичката шаховска табла се менува брзо, нејзините шеми, нејзиниот распоред. Сојузите се менуваат побрзо отколку што претходно можеше да се замисли. За нас, како Германци во Европската Унија и во НАТО, ова значи дека мора да ја редефинираме нашата позиција, да ја редефинираме нашата улога во наредните години, бидејќи не знаеме на кои сојузи сè уште можеме да се потпреме во иднина и колку долго ќе траат“, рече Писториус.
Порано денес, германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека Германија ќе продолжи да ја поддржува Украина колку што е можно повеќе и ќе ги зголеми средствата на 11,5 милијарди евра следната година.
„Путин мора да разбере дека нема шанси да ја добие оваа војна на сметка на европскиот поредок на слобода и мир“, заклучи Мерц.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата