Рускиот претседател Владимир Путин денес изјави дека се надева дека мировните преговори меѓу Русија и Украина ќе продолжат и дека работните групи би можеле да разгледаат можни компромиси, но дека целите на Москва остануваат непроменети.
Една недела пред истекот на рокот поставен од американскиот претседател за договор за прекин на огнот во Украина или заканата од нови санкции, вклучително и за земјите што увезуваат руска нафта и гас, Путин не открива дека Москва би можела да го промени својот став.
„Ако некој бил разочаран од исходот од преговорите досега, тоа е само последица на претерани очекувања“, рече Путин.
Во разговор со новинарите на средбата со белорускиот претседател Александар Лукашенко во северна Русија, Путин рече дека разговорите треба да се одржат „без камери и во мирна атмосфера“.
Зеленски повтори дека ќе седне со Путин на маса
Тој истакна дека руските сили ги напаѓаат украинските сили по целата фронтова линија и имаат моментум. Притоа, тој се осврна на вчерашното соопштение на Министерството за одбрана дека руските сили го зазеле градот Часив Јар по 16 месеци борби.
Украина тврди дека Часив Јар не е под целосна руска контрола.
Путин, исто така, истакна дека првата серија од балистичкиот ракетен систем „Орешник“, по почетокот на масовното производство, штотуку е доставена до руската армија.
Денес, украинскиот претседател Володимир Зеленски, реагирајќи на изјавите на рускиот претседател, ја повтори својата подготвеност да седне на маса со Путин, велејќи дека Украина, кога станува збор за прекин на огнот, сака да „оди подалеку“ од изјавите и состаноците на пониско ниво.
Зеленски сака да види знак на вистинска волја за завршување на војната
„Ако ова се знаци на вистинска волја за завршување на војната на достоинствен начин и воспоставување вистински траен мир, тогаш Украина уште еднаш ја потврдува својата подготвеност за состанок на ниво на лидери во секое време“, напиша Зеленски на X.
„Украина повикува да се оди подалеку од размена на изјави и состаноци на техничко ниво и да се одржат разговори меѓу лидерите на двете земји“, додаде Зеленски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата