Дописникот на ABC News, Џонатан Карл, известува дека Доналд Трамп изјавил дека не размислува за продолжување на примирјето со Иран.
Американскиот претседател во едно интервју посочи дека решението за конфликтот е на повидок, велејќи: „Мислам дека ќе видите неверојатни два дена пред нас“, известува Карл.
Трамп додаде дека војната може да заврши на кој било начин, но нагласи дека претпочита дипломатско решение.
- Мислам дека договорот е подобар затоа што тогаш тие можат да ја обноват земјата, рече Трамп, според Карл.
Тој додаде: „Тие навистина сега имаат поинаков режим. Без оглед на сè, ги елиминиравме радикалите. Тие исчезнаа, тие веќе не се со нас“.
Трамп го нападна Папата и НАТО
Доналд Трамп повторно го нападна Папата Лав XIV и НАТО во серија објави на својата мрежа Truth Social.
Во првата објава, тој повика некого да „му каже на папата Лав... дека е целосно неприфатливо Иран да има нуклеарно оружје“, тврдејќи дека Иран убил „најмалку 42.000 демонстранти“ во последните два месеци.
Во друга објава, тој ги повтори своите критики кон НАТО, велејќи дека Алијансата „не беше со нас, ниту ќе биде во иднина“.
Претходно оваа недела, Трамп го обвини папата дека е „СЛАБ во однос на криминалот и катастрофален за надворешната политика“, додавајќи дека „да не беше тој во Белата куќа, Лео немаше да биде во Ватикан“.
Папата одговори дека ќе продолжи да зборува против војната.
Што се однесува до НАТО, Трамп долго време ја критикува алијансата, обвинувајќи ја дека не го поддржува Вашингтон за време на војната со Иран, а се закани и дека ќе ги повлече САД од алијансата, со претходна изјава дека „на САД не им е потребен НАТО“.
Трамп го критикуваше и НАТО пред неколку дена, по состанокот со генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте, наведувајќи дека НАТО „не бил таму“ кога на Соединетите Држави им бил потребен, во врска со војната во Иран.
„НАТО не е тука за нас и нема да биде тука за нас во иднина“, рече Трамп на мрежата Truth Social.
„Крајот на војната е многу блиску“
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека војната со Иран е „многу блиску до крај“, повторувајќи слични тврдења што ги даде во последните недели.
Најавувајќи го интервјуто за „Фокс бизнис“, кое треба да се емитува денес, Трамп повтори претходно тврдење дека Техеран „очајно сака да постигне договор“.
- Мислам дека крајот е близу. Да, би рекол дека е многу блиску до крајот, рече Трамп.
Тој исто така додаде:
- И знаете што? Ако се повлечам сега, ќе им требаат 20 години за да ја обноват таа земја. Сè уште не сме завршиле. Ќе видиме што ќе се случи. Мислам дека навистина сакаат да постигнат договор.
Трамп, исто така, посочи дека разговорите меѓу САД и Иран - кои не дадоа резултати во првата рунда разговори во Пакистан за време на викендот - наскоро би можеле да продолжат.
Тој изјави за „Њујорк пост“ дека „нешто може да се случи во следните два дена“.
Во меѓувреме, американскиот потпретседател Џ.Д. Венс изјави на настан на Универзитетот во Џорџија дека Трамп сака да постигне „голем договор“ со Техеран, додавајќи дека се чувствува многу добро во врска со моменталната ситуација.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата