Голема трагедија ја потресе Германија за време на велигденските празници. Три лица, меѓу кои една мајка и нејзиното бебе, го загубија животот кога огромно дрво падна врз група луѓе во шума во близина на градот Фленсбург, на северот на земјата.
Несреќата се случи во неделата околу 11 часот наутро во местото Мителангелн. Според полицискиот извештај, групата била во шумата за традиционалното барање велигденски јајца кога врз нив паднало дрво високо околу 30 метри.
21-годишна жена и 16-годишна девојка починале на самото место од тежината на дрвото.
10-месечно бебе, ќерка на починатата 21-годишна жена, е итно пренесено со хеликоптер во болницата во Кил, но подоцна им подлегнало на повредите.
18-годишна девојка се здобила со тешки телесни повреди и е оперирана во болницата во Хајде.
Останатите присутни на местото на настанот поминале со полесни повреди, а полицијата сè уште не го соопштува точниот број на повредени лица.
Засега не се прецизирани причините поради кои паднало дрвото, со оглед на тоа што станува збор за масивно стебло во шумски предел. Надлежните служби го обезбедуваат теренот додека трае истрагата за сите околности на оваа незапаметена несреќа.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата